Општина Карпош и оваа година традиционално, по трет пат, учествуваше на ,,НУТРИКОН 2016-та“ – Конференција за Квалитет и безбедност на храна, здравје и нутриционизам.

Конференцијата беше во организација на Консалтинг и тренинг центар КЛУЧ, а се одржа на 01 и 02 декември во ТТЦ „Плаза“ во Скопје, во соработка со Европската групација за хигиенско инженерство и дизајн (EHEDG) и Иницијативата за глобална хармонизација (GHI) чија членка е Општина Карпош. Општината беше претставена преку овластеното лице за контрола  и безбедност на храна  М-р Ирена Милевска и нејзиниот соработник Ивона Ѓурчиновска.

 

Најчести  теми кои беа опфатени беа: Состојки и додатоци во исхраната, структура и адитиви, производство и преработка на храна, прехранбено инженерство и неговата одржливост, микробиолошки, физички и хемиски опасности во прехранбената индустрија, анализа на ризик, невролошко-дегенеративни и орални болести, нутритивност, меѓународни програми и проекти, како и образование и трансфер на знаења, соработка и искуства со Меѓународни организации.

                

На конференцијата присуствуваа 90 научни работници, професори на универзитети, лекари, нутриционисти и експерти  од  10 земји од светот. Освен Република Македонија, учестваа: Албанија, Турција, Србија, Украина, Романија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Германија, Унгарија, Латвија.  

Како минатата година, така и оваа, од ,,НУТРОКОН 2016-та“ произлезе „Книга на апстракти“  од 90 научни и стручни трудови во чиј организациски комитет учествуваше и претставничката од Општина Карпош. ,,НУТРИКОН“ како меѓународен собир на научници од областа на медицината, земјоделството, безбедноста на храната и нутриционизмот е акредитиран од  Лекарската комора на Македонија и од Стоматолошката комора на Македонија.