Денеска е последниот ден од учебната година во која сите вложивме извонредни напори за да помине без поголеми прекини. Општина Карпош уште на самиот почеток на учебната 2020/2021, се погрижи за обезбедување на ИТ опрема за сите десет основни училишта, со цел непречено да се одвива наставата на далечина.

 

Се подигна нивото на хигиена и дезинфекција по училиштата, за безбеден престој на учениците кои следеа настава со физичко присуство, како и за наставниот и административно – техничкиот кадар.

 

Сепак, ова беше и учебна година во која општина Карпош и сите училишта, не заборавија на подобрувањето на севкупните услови во училиштата, зголемувањето на зеленилото во дворовите, реализација на други проекти во интерес на учениците.

 

Драстично се подобрија условите во сензорните соби за учениците со попреченост. Сензорната соба на ООУ „Димо Хаџи Димов“ доби „паметни“ маси, а во ООУ „Владо Тасевски“ во тек е поставување на лифт за деца со посебни образовни потреби.

Паралелно, учениците и наставниците беа дел од проектот „Спорт за развој, спорт за сите“, кој се спроведува во соработка со здружението „ТАКТ“. На овој начин, се овозможува младите да учат за социјални вештини преку спорт и физичка активност.

 

Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев на сите ученици, наставници, административно – технички кадар и родители им посакува среќен распуст и убаво лето. Тој, преку видео – обраќање порача:

 

  • Ако сме паметни, од изминативе две учебни години ќе извлечеме заклучоци.Од ИТ технологијата не треба да се плашиме, треба да ја искористиме за да бидеме подобри и полесно да учиме.

Од наставата и училницата не смееме да „избегаме“, затоа што таму не се стекнува само знаење, таму се градат новите генерации на млади луѓе кои ќе ја предводат нашата држава. Имајте убаво лето, рече Богоев.

 

 

 

Локалната самоуправа, летниот распуст на учениците ќе го искористи за тековни реконструкции и санации по основните училишта, креирање на ИТ библиотечен фонд на образовните установи, како и други активности, за подобар почеток на учебната 2021/2022 година.