Заштитата на животната средина е една од основните цели на општина Карпош. Токму во таа насока, од оваа година, локалната самоуправа за прв пат објавува и јавен повик за избор на најдобро уреден училишен двор или дел од дворот.

Станува збор за зони во дворот кои се уредени од еко – материјали, поттикнуваат креативност кај учениците, но и поголема свест за заштита на околината.

Постоењето на вакви зони во основните училишта, во текот на пандемијата, придонесоа дел од наставата да се одвива на отворено.

Право на учество на јавниот повик имаат сите десет основни училишта. Додадена вредност при рангирањето е во состав на зоните да е засадено зеленило, цвеќиња или да се поставени корпи за отпадоци/рециклирање, како и опрема за спорт и рекреација.

Овие делови од училишните дворови, во голема мера беа креирани со заеднички напори на наставниците, учениците и родителите. Затоа ги охрабруваме сите чинители, заедно да ја подготват проектната апликација и да конкурираат за награди од 50.000 денари (за прво место), 30.000 денари (за второ место) и 20.000 денари (за  трето место).

Постапката за избор на најдобро уреден ЕКО-училишен двор на основните училишта на територија на Општина Карпош за 2022 година ќе ја спроведе комисија, формирана од страна на градоначалникот на Општина Карпош, според критериуми кои ќе бидат наведени во самиот Јавен повик. Комисијата ќе биде составена од седум члена, од кои пет ќе бидат од Советот на Општина Карпош на предлог на Комисијата за прашања на верификација, мандатни прашања, избор и именувања. Останатите два члена на комисијата ќе ја сочинуваат вработени во општинската администрација на  Карпош, кои ќе бидат без право на одлучување.

 

Рокот за аплицирање е до 26.04.2022 година.

Линк до јавниот повик: https://bit.ly/3uPIqmR