КАРПОШ ИЗБИРА НАЈДОБРИ НАСТАВНИЦИ И СТРУЧНИ СОРАБОТНИЦИ
- април 15, 2021
- 0
За да ги мотивира просветните работници и во ек на пандемија, Општина Карпош го објави јавниот повик за избор на најдобар одделенски наставник, предметен наставник и стручен соработник.
Право на учество имаат наставниците кои се вработени во десетте општински основни училишта во Карпош и притоа: да имаат засновано редовен работен однос на неопределено време; стаж од најмалку седум години во воспитно – образовна установа; да поседуваат основни професионални компетенции за наставници/стручни соработници и да достават одлука за награда донесена од училишен одбор на предлог на наставничкиот совет, а по претходно добиено мислење од ученичката заедница, советот на родители и директорот на училиштето.
Наставниците и стручните соработници се поконкурентни при рангирањето ако организирале менторства, учествувале на научни конференции, предавања, работилници, креирале проекти, трудови и сл.
Ова е втора година, како просветните работници се грижат да нема застој во образовниот процес и сите ученици да имаат еднаков пристап до образованието.
Рокот за аплицирање на повикот е до 10.05.2021 година, а наградите ќе бидат доделени на 24. Мај – Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј.
Предвидени се парични награди од по 10.000 денари за секоја од категориите (одделенски наставик, предметен наставник и стручен соработник), за кои ќе одлучува посебно формирана комисија составена од членови на Советот и од општинската администрација – Одделение за образование.
Линк до Јавниот повик: https://bit.ly/3mPV6FV
Линк до Изјава: https://bit.ly/3wWqg2S