КАРПОШ ЗА СЕОПФАТНА ИНКЛУЗИЈА ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ
- ноември 7, 2018
- 0
Денеска, во Градскиот трговски центар во Скопје, се отвори Lounge барот „Umbrella”, кој воедно е прв угостителски објект во Македонија каде што, најголемиот дел од работниот персонал го сочинуваат лица со попреченост. Овој кафе бар ќе им овозможи на оваа група граѓани, преку работа, активно да се вклучат во социјалниот живот и притоа да обезбедат личен приход. На отворањето присуствуваа градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Боегоев, министерката за Труд и социјална политика, Мила Царовска, претставничката на Агенцијата за вработување, Валентина Георгиевска, и директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски.
Меѓу присутните беа и претставниците на неколку странски и дипломатски претставништва во земјава, претставници на етаблирани компании, како и стручни лица од неколку невладини организации, кои работат во сферата на зајакнување на статусот на лицата со попреченост.
Во оваа пригода, првиот човек на Општината истакна дека ова е позитивен пример за хумано делување и пример кој треба да ги мотивира останатите стопанственици.
-Го поздравуваме и поддржуваме отворањето на Lounge барот „Umbrella”, бидејќи се работи за општествено корисен проект, во кој, меѓу другите се инволвирани и лица со попреченост кои се жители на Карпош. Во таа насока, Општина Карпош наскоро ќе обезбеди и финанскиска поддршка за овој проект, со цел, тој да опстане и да биде поттик за отворање на повеќе работни места, наменети за оваа категорија на граѓани. Токму затоа, ги охрабрувам сопствениците на овој бар да отворат ваков угостителски објект и во нашата општина – додаде Богоев.
Општина Карпош има востановена пракса за поддршка на лицата со попреченост, преку давање еднократна парична помош во текот на годината, по повод Светскиот ден на лицата со попреченост (3. декември).