Општина Карпош како единствена локална самоуправа од Скопје заедно со општините Куманово и Кочани, официјално го отпочна проектот „Интегрирани услуги за енергетски ефикасно реновирање домови“, којшто е финансиран од Европската Унија. По тој повод, вчера во свечената сала во хотелот Александар Палас се одржа промоција на првиот македонски проект кој е поддржан од Програмата LIFE на ЕУ и CINEA. Станува збор за проект кошто е составен и од македонски конзорциум, а истиот има за цел да создаде основа за долгорочни партнерства помеѓу различни субјекти, поттикнувајќи го развојот на иновативни решенија за зголемување на енергетската ефикасност и обновување на станбениот фонд на локално и национално ниво.

Покрај претставниците од националните институции, локални заедници, професионалци за енергетска ефикасност, стручни лица од научната и бизнис заедница и граѓанските организации, на вчерашниот настан присуствуваше и тимот од Секторот за екологија и енергетска ефикасност од Општина Карпош, предводен од градоначалникот Стевчо Јакимовски.
Во оваа пригода првиот човек на локалната самоуправа одржа кусо обраќање до присутните, при што го истакна своето задоволство од учеството во овој проект, кој ќе биде од витално значење за карпошани.
– Општина Карпош работи на вакви проекти уште од 2009-та година и морам да кажам дека искуството кое го стекнавме со Хабитат беше навистина драгоцено и корисно. Тоа значи дека имаме повеќегодишно партнерство меѓу граѓаните, Хабитат како невладина организација, тука учествуваа и банките и секако ние, Општина Карпош. Досега на ваков или сличен начин, локалната самоуправа има реконструирано 60 енергетски ефикасни фасади, на станбените згради на своја територија. Во таа насока се надевам дека ќе ја унапредиме нашата соработка во корист на карпошани и на целата локална заедница – посочи Јакимовски.
Инаку, невладините организации ОСС Хабитат и Креација се задолжени за интеграција на овој проект, кој треба да придонесе кон зголемување на бројот на реновирани станбени објекти преку развој на интегрирани услуги за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Поточно, се работи за информации, техничка поддршка, развој и примена на прилагодени финансиски модели, како и за заеми и субвенции за таа намена. Притоа, долгорочната цел е воспоставување на ОСС Хабитат како национална платформа за реновирање на станбени згради и куќи, придонесувајќи на тој начин кон исполнување на климатските и енергетските цели.
Оттука проектот ОСС Хабитат создава основа за долгорочни партнерства меѓу различни субјекти, поттикнувајќи развој на иновативни решенија за зголемување на енергетската ефикасност и обновување на станбениот фонд во Македонија. Конечно, целта е да се реновираат повеќе од 200 станбени единици, постигнувајќи заштеди на енергија од околу 40% и намалување на факторот на CO2 емисии на електрична енергија за повеќе од 3.584 тони годишно.