КАРПОШ Е ВИСТИНСКИ ПАРТНЕР НА МЛАДИТЕ ЛУЃЕ
- јуни 16, 2021
- 0
Општина Карпош е во една од последните фази за ресетирање на Локалниот младински совет кој директно ќе учествува во креирањето локални политики, унапредена е поддршката за талентираните ученици – научници и спортисти, а повеќе треба да се обрне внимание на овозможување простори за започнување на бизнис во општината. Ова го констатираше градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев на јавната дискусија за млади: „Од ветено до реализирано: Колку локалните младински политики беа во фокусот на градоначалниците“?, во организација на здружението „Лидери за едукација, активизам и развој“.
На јавната дебата се гледаше степенот на реализација на проектите за млади, ветени во изборните програми на градоначалниците во 2017 година.
Богоев се осврна на фактот дека младинското учество во Карпош е на многу повисоко ниво од порано.
- Ова за мене е природно, затоа што и јас дојдов од младинскиот сектор и најголемата поддршка ја добив токму од младите. Покрај тоа што се законски обврски од Законот за младинско учество и младински политики, работиме и на други сегменти. Развивме мобилна апликација, „мЗаедница“, која покажува дека 73 % од корисниците се млади луѓе до 29 години. Именувавме службеник за млади, а сега се фокусираме и да отвориме канцеларија за млади, рече Богоев.
Тој истакна дека особено е важна улогата на Локалниот младински совет. Тоа не смее да биде тело кое ќе се претопи во секојдневните активности и актуелни моменти туку да работи на среден и долг рок за потребите на младите луѓе.
- Добро е младинскиот совет да се грижи и за заштита на јавните простори, раззеленување и изведба на детски игралишта, но одговорноста ќе биде и многу поголема. Очекувам ова тело да иницира соработка со приватните компании од нашата територија. На тој начин, да овозможиме пракса, волонтирање или работа за младите – жители на Карпош. Очекувам вмрежување со средните училишта и факултети, обуки, доусовршување, за младите да бидат поконкурентни на пазарот на трудот. Еве, овие денови овозможуваме пракса на ученици од средното економско – правно училиште „Васил Антевски – Дрен“, посочи градоначалникот.
Во интерактивниот дел, Богоев одговараше на прашањата од претставниците на младинските организации. Тие се интересираа за фактот како општината ги консултира младите за да се направи некое игралиште, парк или слично.
- На крајот на секоја година правиме теренска анкета, која опфаќа различни возрасни групи, а спроведуваме и онлајн прашалник. На тој начин, директно, од секоја урбана заедница ги согледуваме реалните проблеми и потреби. Паралелно, имаме двонасочна комуникација преку „мЗаедница“, социјалните мрежи, но важно е да се обезбеди системски механизам за младинско учество, а тоа ќе се овозможи преку Локалниот младински совет, одговори градоначалникот.
На настанот учествуваше и градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу. Младинскиот настан го модерираше Блажен Малески од независната истражувачка организација „Реактор“.
Присутните даваа предлози и идеи за проекти кои би биле дел од новите изборни програми на градоначалниците.