Вечерва се отвори осмото издание на меѓународниот шаховски турнир Карпош Опен 2018. Повеќе од 160 натпреварувачи, од повеќе земји во светот во следните осум дена ќе водат битка за „најсјајните“ одличја и награди во овој спорт.

Во хотелот „Александар Палас“ каде што следната недела ќе се одржува овој реномиран шаховски турнир забележително беше присуството на многу млади натпреварувачи, карпошани, кои со своите осум или девет години ќе се „борат“ рамо до рамо со поискусните и поафирмирани шаховски имиња до Македонија и од светот..

Турнирот го отвори градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој ,меѓудругото, го повлече и првиот потег на шаховската табла со што го означи и официјалниот старт на годинешното издание на Карпош Опен 2018..

 

–          Општина Карпош е еден од главните покровители на овој настан и навистина голема е честа да бидеме центар на шаховската елита, место каде што овие денови се спојуваат младоста, искуството, талентот, напорната работа и шаховското велемајсторство, рече Богоев.

 

Во своето обраќање, градоначалникот говореше и за можностите кои ги нуди Општината и Градот Скопје за сите натпреварувачи.

Покрај натпреварувачкиот дел, учесниците ќе имаат можност да уживаат во убавините на Карпош, да посетат дел од знаменитостите кои ја прават оваа Општина една од најурбаните во Скопје.

Свои обраќања имаа и Зоран Стојчевски, од шаховскиот клуб Гамбит Асеко СЕЕ, како и претседателот на Шаховската федерација на Македонија Благоја Богоевски.

Тие ги поздравија присутните шахисти и го објаснија распоредот за првото коло од турнирот.