Под покровителство на Општина Карпош, во организација на АКУД „Мирче Ацев“, вчеравечер на плоштадот кај Млечен ресторан се одржа првиот од двата целовечерни концерти, во рамки на Меѓународниот студентски фолклорен фестивал, насловен како „Фестивал на солидарноста“. Оваа културна манифестација се одржува по 44-ти пат и како секогаш досега, така и годинава во неа учествуваат домашни ансамбли и хорови, како и уметнички друштва од поширокиот регион и светов. Покрај беспрекорниот сценски настап, ансамблите ја збогатија вечерта со својата прекрасна кореографија која изобилуваше со бројни мотиви и детали кои потекнуваат од фолклорното творештво, карактеристично за земјите од кои доаѓаат тие (Словенија, Словачка, Турција и Македонија).

 

На фолклорниот спектакл присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода го изрази своето задоволство, што токму овој традиционален настан се одржува на територијата на локалната самоуправа.

 

  • Обезбедувајќи финансиски средства од својот буџет, Општината во континуитет го поддржува овој фолклорен фестивал којшто е од меѓународен карактер. Ми претставува особена чест што даваме еден скромен придонес во развојот на фолклорните традиции на Македонија, – посочи Јакимовски.                                                                                                             

 

Инаку, вечерва во просториите на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во населбата Тафталиџе 2 ќе се одржи национална вечер, на која ќе биде презентирана македонска храна, односно јадења кои се типични за нашата домашна кујна. На овој начин, учесниците на фолклорниот фестивал како и гостите ќе можат преку вкусот на храната, да стекнат автентичен впечаток за традицијата и културата на земјата од која потекнува таа национална кујна. В среда навечер пак, на плоштадот „Делфина“ во населбата Влае ќе се одржи вториот целовечерен концерт, на кој ќе настапат културно уметничките ансамбли.

 

Досегашната традиција сведочи дека Меѓународниот студентски фолклорен фестивал се одржува од 1967 година, како израз на благодарност на земјите кои помогнаа во изградбата на Скопје, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година кој го зафати нашиот главен град. Овој фестивал уште се нарекува и фестивал на солидарноста. Притоа, скопските студенти го иницираа организирањето на оваа манифестација која се одржува до ден денес.