Традиционално, и оваа година, Општина Карпош активно се приклучи на националната еко акција „Генералка Викенд“, (08-10-мај) во која вработените од општинската администрација се вклучија во чистење и собирање на ситен џебен отпад низ улиците и јавните зелени површини низ oпштината. Акцијата е во организација на „Мен енд Маунтен“ и има за цел да се собере што е можно поголемо количество на отпад, кое потоа ќе се однесе до најблиската локација на ПАКОМАК, Нула Отпад или локалната комунална станица за отпад, за да се измери количината на собраниот отпад. Потоа, предвидено е на секои собрани десет килограми отпад, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да донира по едно дрво од својот годишен план за пошумување на нови шуми наречени „СОНЧЕВА ГОРА“- национални зелени споменици, кои ќе растат секоја година

Општинската администрација на Карпош даде свој активен придонес во оваа национална акција за чистење и собирање на отпадот. Административците, на седум претходно утврдени локации прво го собираа, а потоа и соодветно го одложуваа собраниот отпад.
Еден ден претходно, во оваа еко акција се вклучија и дечињата од градинките кои се наоѓаат на територијата на Општината, како и основците од училиштата кои се во составот на локалната самоуправа. Акцијата е спроведена во сите 80 општини на територијата на државата и во повеќе од 400 училишта на национално ниво, вклучувајќи го и Градот Скопје. Истата има за цел да ја подигне јавната свест за потребата за собирање, рециклирање и правилно третирање на отпадот , и како тоа позитивно ќе влијае врз зачувувањето на животната средина. Акцијата е поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство , шумарство и водостопанство, како и од голем број на општествено одговорни фирми и компании.