Преку енергетските задруги, повеќе луѓе, заедници на сопственици можат да се здружат и да обезбедат пристап до обновлива енергија, фактички да ги инвестираат своите заштеди во својата иднина. Енергетските задруги функционираат на принципот на здружување во инвестицијата, која го искористува локалниот енергетски потенцијал, како што се шумската биомаса, ветерната енергија или пак инсталирање на фотоволтаичен систем на кровна површина на куќи/згради.

 

Општина Карпош и фондацијата Фридрих Еберт го спроведоа проектот „Електроенергетски, независен и самоодржлив Карпош“. Преку подготовката на публикација, се увидоа можностите на Карпош за дополнителен развој и користење на обновливите извори на енергија. Евидентирани се потенцијалите за поставување на фотоволтаични електрани на кровните површини на градинките, за производство на електрична енергија.

Исто така, публикацијата ги мапира Бардовци и Злокуќани како поволни делови за развој на енергетските задруги, а во оваа насока се надоврза и градоначалникот Стефан Богоев.

 

  • Општина Карпош со проектот„COOL HEATING “ се обврзува целата нова населба Злокуќани и Бардовци да биде со посебен модулаерн систем за греење и ладење, со обновливи извори на енергија и со можност да се развива и како енергетска задруга.

Исто така, локалната самоуправа прави сериозни напори за заштеда на средства за потрошувачка на електрична енергија.

Со последната јавна набавка на електрична енергија, за основните училишта и административните објекти заштедивме повеќе од 50% буџетски средства. Ако порано се плаќало 10 денари по киловат час за едно училиште, денеска, цената со вклучено ДДВ е околу 4,8 денари, истакна Богоев.

 

 

Тој потсети и на фактот дека Карпош е во процес на замена на сите улични светилки кои не се ЛЕД.  Станува збор за околу 4.900 светилки во сите урбани заедници, но и спортски и детски игралишта, како и училишни дворови. Најпрво, ќе се подготви физибилити студијата, а потоа ќе започнеме и со постапка за избор на ЕСКО партнер (околу Нова година).

 

На денешниот настан, публикацијата беше презентирана од страна на проектниот тим: Ангела Најдоска, Тина Манолева, Ивана Вучкова, Љупчо Димов и Драган Миновски. Тие ја акцентираа потребата, енергетските задруги да бидат опфатени со законската и подзаконската регулатива.

 

Локалната самоуправа продолжува да работи на популаризација на обновливите извори на енергија и нивно поблиско доближување до сите граѓани. Ова е процес кој го водиме со другите ресорни институции, но и со поддршка на граѓанскиот сектор и меѓународните организации.

Целата студија може да ја превземете на линкот