По повод одбележување на 47-миот роденден на Општина Карпош (3. ноември), денеска во Кинотеката на РСМ се одржа деветтата традиционалната ученичка манифестација „Карпош има талент“, во која учествуваа основците од сите десет училишта кои се наоѓаат на територија на локалната самоуправа. Во преполната сала каде одекнуваа воздишките и силно се чувствуваа емоциите,  младите карпошани создадоа атмосфера која доликува на едно динамично шарено детско шоу. Во него тие го покажаа својот раскошен талент, презентирајќи ги своите уметнички перформанси како актери, пејачи, танцувачи, пијанисти и виолинисти.

Притоа, сите учесници на бината настапија со прекрасна кореографија и беспрекорна сценска изведба, со што му дадоа тешка задача на стручното жири кое требаше да ги прогласи трите најталентирани изведувачи. Оттука, жирито кое го сочинуваа музичарката Андријана Јаневска, актерката Миа Кантарџиева, балетскиот уметник Тамара Ѓурчиновска и претставниците од Советот на Општина Карпош, Гордана Ивановски Велковска и Роберт Велјановски, одлучи првото место да и го додели на осмоодделенката Ана Манчева од ООУ „Јан Амос Коменски“. Таа доби најмногу гласови од стручното жири за нејзината пијано изведба на класичната нумера „Ромео и Јулија“ од Сергеј Прокофјев.

Второто место го поделија Јована Јанкуловска и Нела Манчевска од ООУ „Вера Циривири Трена“ со изведба на нумерата „Lovely“ и петоодделенката Лана Грпчевски од ООУ „Димо Хаџи Димов“ со монолог – извадокот од претставата „Дупло дно“ од Горан Стефановски. Исто така и третото место го поделија четвртоодделенката Ива Степановска од ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“ со изведба на поетската творба „Мајка“ од Боро Андов и деветоодделенците Агнеса Незири и Никола Лазаровски од ООУ „Братство“, за дует изведбата на пијано и виолина насловена како „Minuet in G-Major“ од Бетовен.  

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода го поздрави прекрасниот настап на сите учесници, а на најталентираните изведувачи им ги врачи наградите:

  • „Мислам дека со одржувањето на оваа манифестација се движиме во вистинска насока и факт е дека догодина, Општината треба да одвои повеќе средства за овој традиционален настан да изгледа уште поубаво. Секогаш ги поддржуваме талентираните ученици и ќе продолжиме тоа да го правиме, без разлика дали се работи за спортот, образованието или културата. Нека ни е честит 47-миот роденден на општината, период во кој Карпош се наметна како водечка локална самоуправа не само во рамки на државава, туку и надвор од неа“ – истакна Јакимовски.

За оваа намена, Општина Карпош обезбеди и финансиска поддршка, како еден вид награда за најталентираните уметнички интерпретатори.