Секторот Инспекторат во соработка со координаторите за одржување на јавната чистота и претставниците од урбаните заедници на Општина Карпош, организираат акција за отстранување на кабаст отпад и отпад од градежен шут, кој инаку граѓаните го одложуваат до контејнерите наменети за комунален отпад и други видови на неопасен и инертен отпад од домаќинствата. Заради поголема ефикасност на оваа иницијатива, кон акцијата активно ќе се вклучат и екипите на ЈП Комунална хигиена – Скопје, кои ќе ги постават контејнертите за кабаст отпад на т.н. „критични локации“, каде што вообичаено општината се соочува со ваков проблем.

Оттука, ЈП Комунална хигиена ќе ги постави наменските контејнери во кои граѓаните ќе можат да го одложат својот кабаст отпад и градежен шут, во периодот од 09.08.2024, па се до 12.08.2024 година, на следниве локации:

  • Ул. Женевска (кај автобуската постојка на последна 24-ка) – населба Тафталиџе 2;
  • Ул. Јуриј Гагарин (кај ресторанот „Македонска куќа“) – населба Козле;
  • Ул. Ванчо Мицков – населба Долно Нерези; и
  • Ул. Војвода Васил Чакаларов (позади Порта Влае) во близина на автобуската постојка во населбата Влае 2.

Со оглед на тоа што во летниот период е разбирливо е да се реновираат станови, да се кастрат гранки во рамки на индивидуалните дворови и слични активности, Општина Карпош упатува апел до граѓаните да се придржуваат до правилно одложување на градежниот шут и кабастиот отпад. Во спротивно, постои опасност да се создадат дополнителни депонии кои сериозно би придонеле кон загадување на животната средина, особено околу контејнерите за комунален отпад.

Во оваа пригода ги потсетуваме нашите сограѓани дека на територијата на општина Карпош функционира и Собирниот пункт за кабаст отпад и градежен шут, кој се наоѓа на булеварот Илинден, зад бензиската пумпа на Макпетрол во населбата Карпош 3.