Претставници на невладината „Еко Логик“ денеска на свечен начин им ги доделија сертификатите на наставниците од основните училишта во Карпош, кои заедно со учениците учествуваа во проектот „Едукација за безбедност  во сообраќајот и активна мобилност кај образовниот персонал и учениците од основните училишта на ниво на општина Карпош“. Инаку, овој проект го организираше здружението „Вело Училишта“ со финансиска поддршка од Општина Карпош, во кој беа вклучени сите 10 училишта на територија на локалната самоуправа.

               Преку проектот беа постигнати неколку цели меѓу кои, подобрување на свеста и знаењата за безбедно движење во сообраќајот, поттикнување на активна мобилност преку пешачење и возење велосипед, развивање на здрави и одржливи навики кај учениците и наставниците и сл. Во рамки на проектот беа реализирани неколку теоретски и практични обуки за наставниците, како и практични сесии со основците од Карпош во состав на училишните дворови и зелените површини. Преку непосредна интеракција беше спроведена и едукативната игра „Вело патека“, преку која се надоградија знаењата и свеста кај младите карпошани, за сообраѓајната безбедност и мобилност. По учеството во проектот, основците и наставниците добија на користење соодветни сообраќајни реквизити.