Денеска попладне, официјално беше пуштен во употреба новиот парк кој се наоѓа во непосредна близина на трговскиот центар Скопје Сити Мол. Паркот, кој во својата содржина вклучува и современо игралиште со модерни детски реквизити е целосна донација од Скопје Сити Мол, за жителите на општина Карпош, но и за сите посетители на трговскиот центар. За таа намена, паркот се протега на површина над 850 м2, а просторот е хортикултурно уреден со висококвалитетни садници, цвеќиња, зеленило и реквизити.

 

Во рамки на овој урбан простор ќе функционира и летна отворена тераса, каде можат да се организираат помали настани и да се социјализираат граѓаните. Во таа насока, паркот е наменет за деца на возраст од две до 14 години. Целосното уредување на паркот е инвестиција на Скопје Сити Мол во вредност над 500.000 евра, а новоуредениот простор е во сопственост и владение на Општина Карпош. Оттаму, Скопје Сити Мол ќе се грижи за тековното одржување на паркот и детското игралиште, додека пак, граѓаните ќе можат нив да ги  користат бесплатно.

 

На свеченото отворање покрај претставниците на менаџментот на Скопје Сити Мол, присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода истакна дека му претставува особено задоволство фактот, што токму овој трговски центар е изграден за време на неговиот претходен мандат.

 

  • Јас цврсто верувам во овој проект, бидејќи карпошани и скопјани не можат да го замислат урбаното живеење без Скопје Сити Мол, затоа што овој трговски центар има „душа“. Неговиот дух ќе биде збогатен со ова ново детско игралиште, кое што е целосна донација на раководството на Сити Мол. Во интерес на нашите најмлади жители, ние како локална самоуправа најбрзо што можевме ги деблокиравме постоечките законските процедури и опструкции, со  цел да го пуштиме во употреба ова прекрасно катче за рекреација, со кое сите ние ќе се гордееме – додаде Јакимовски.

 

Главна атракција во рекреативниот парк е игралиштето кое е изградено според светските трендови со специјално дизајнирана кула за качување, која нуди широк спектар на возбудливи активности за најмладите граѓани. Качувалката којашто е висока 8,5 метри е изградена според најсовремените европски стандарди, составена од сложени форми  кои се поставени во облик на структурата на ДНК.

 

Содржината е збогатена и со челична конструкција за качување која може да се искачи преку тродимензионална мрежа, направена од јажиња во внатрешноста на кулата, кои истовремено обезбедуваат авантура, учење и ги поттикнуваат децата да ги совледуваат пречките. Во моментов ширум Европа, расте трендот на создавање на игралишта од овој тип, бидејќи тие влијаат на развојот на психомоторните функции кај децата, по примерот на стимулирање на качување на дрвја.