Со поставување на камен – темелникот, официјално започнаа градежните активности за изградба на нова повеќенаменска спортска сала во рамки на ООУ „Братство“ во населбата Тафталиџе 2. Оваа иницијатива произлезе согласно програмата на Општина Карпош за развој на спортот и инвестирање во спортска инфраструктура, за чија цел е склучен договор за изработка на проектна документација за изградба на овој мултифункционален објект.

                По тој повод денеска, премиерот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски и градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, направија увид во градежните работи, кои се одвиваат на мултифункционалната спортска сала.

  • „Особено сакам да ја истакнам благодарноста до Владата на Република Македонија и до Министерството за образование и наука, за поддршката и обезбедените средства во вредност од над 63 милиони денари. Ваквите капитални инвестиции покажуваат колку е важна соработката меѓу централната и локалната власт кога работиме заедно во интерес на граѓаните“ – потенцираше првиот човек на локалната самоуправа, Сотир Лукровски.

                Изведувач на градежните работи е фирмата „Сандра Инженеринг“ од Скопје. За таа намена, претходно беше демонтирана и отстранета старата спортска сала во ова основно училиште, од каде на нејзино место ќе никне современ повеќенаменски спортски објект. Станува збор за инвестиција во вредност од 63.411.966 денари со пресметан ДДВ. Целосната реализација на овој проект е овозможена со финансиски средства од Владата на РСМ, кои пак Министерството за образование и наука и ги додели на Општина Карпош, по претходно  учество  на  Јавен  повик.

                Инаку, вкупната површина на спортскиот објект изнесува 1.427 м2, при што, теренот за игра зафаќа централно место во објектот. Спортскиот терен е со правоаголна форма со димензии 49,90 на 29,50 метри и максимална висина од 09,90 метри. Големината на теренот е соодветно димензионирана за потребите за одржување на тренинг и натпревари во кошарка, ракомет, мал фудбал, одбојка, тенис, серва, боречки спортови, гимнастика, пинг – понг и друго, а сето тоа е според  прописите на соодветните спортски федерации. Во тој поглед, проектираната сала ќе ги задоволи потребите на локалната самоуправа и на карпошани за организирање на спортски школи, за тренинг на спортски клубови, одржување на натпревари во сите спортови за кои е  потребна сала со публика. Салата ќе исполнува услови за создавање на нов тренерски, судиски и друг вид на спортски кадар, како и за одржување на други манифестации од спортско – културен карактер. Салата ќе располага со доволен број на влезови и излези за брза и безбедна евакуација, а покрај секој од влезовите ќе се наоѓаат санитарни просторрии, машки и женски тоалет. Во рамки на објектот ќе бидат поставени и трибини со вкупно предвидени 400 места за седење, кои ќе бидат димензионирани да овозможат непречено следење на натпреварите.

                Покрај просториите за корисници, посетители и публика, предвидени се и технички простории наменети за термотехнички инсталации, магацин за складирање и одлагање на материјал  и реквизити за секојдневно функционирање на објектот. За оваа намена делумно ќе се користи подтрибинскиот простор.