КАРПОШАНИ ГО ПРАЗНУВАА СВ. АТАНАСИЈ ВЕЛИКИ
- јануари 31, 2017
- 0
Во раните утрински часови, денеска, улиците во населбата Влае осамнаа со препознатливиот звук на зурлите и тапаните, во чест на големиот светец Атанасиј Велики. Во духот на традицијата и оваа година, влаевчани го одбележаа овој христијански празник под покровителство на Општина Карпош и за првпат во организација на Здружението за негување на верски и народни обичаи „Св. Атанасиј Велики“ – Влае.
Жителите на Влае масовно се собраа на спортското игралиште на ул. „Франце Прешерн” (поранешно с. Влае) и заедно ја одбележаа свечената литургија, по што следуваше црковното осветување на водата и храната. На манифестацијата присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода им го честита верскиот празник и им посака добро здравје среќа и успех на сите граѓани на Република Македонија. Здружението за негување на верски и народни обичаи „Св. Атанасиј Велики“ – Влае и додели плакета на Општина Карпош, за особен придонес и помош во реализација на прославата на Св. Атанасиј Велики во Влае.
Водејќи се според македонските народните обичаи, по свечената литургија се сервираше славска софра со пригодна трпеза и топли пијалоци, а се служеше и познатата „Влаевска чорба“. Овогодинешните кумови на верската манифестација, им го предадоа кумството на првиот човек на Општината и долгогодишен жител на населбата Влае – Стевчо Јакимовски, Јерко Жикоски и Драган Чуриевски.