„ИПС-МАКЕДОНИЈА“ СТАНАА КОШАРКАРСКИ ШАМПИОНИ ВО КАРПОШ
- април 27, 2026
- 0
Во големото финале во рамки на кошаркарската училишна спортска лига, кое се играше во култната спортска сала „Наум Наумовски-Борче“ -Партизан, кошаркарите од Меѓународното приватно училиште „ИПС-Македонија“ ги победија своите врсници од ООУ „Јан Амос Коменски“ ,и постанаа овогодинешни шампиони на турнирот. Во овој динамичен и возбудлив натпревар, тие ги победија кошаркарите од основното училиште од населбата Тафталиџе 1 со вкупен резултат од 65:45 и го подигнаа победничкиот пехар.
Градоначалникот на Општина Карпош Сотир Лукровски, доделувајќи им ги пехарите на победниците, им го честиташе успехот и меѓудругото им посака во иднина да станат професионални спортисти кои ќе нижат уште поголеми спортски меѓународни успеси.
-„Им честитам на победниците, на сите учесници, на родителите и на присутните кои го следеа големото финале во рамки на нашите спортски училишни игри. Јас, како градоначалник, но и нашата општинска администрација, максимално се заложуваме да обезбедиме најдобри услови за развој на спортот и спортските активности во Општина Карпош бидејќи спортот, особено за вас младите карпошани, е движечка сила во вашиот правилен раст и развој и вашата понатамошна изградба во одговорни и зрели личности“- нагласи Лукровски.
Ведран Угриновски од ООУ „Јан Амос Коменски“ беше прогласен за најдобар стрелец, додека пак најдобар играч е Данило Филипче од „ ИПС –Македонија“. Признанието за најталентиран кошаркар отиде кај Максим Арсовски од ООУ „Владо Тасевски“. Во „малото“ финале, односно во битката за третото место, основците од ООУ „Владо Тасевски“ ги победија своите врсници од ООУ„ Војдан Чернодрински“ со вкупен резултат од 60:41 и го освоија бронзениот пехар. Општина Карпош и во иднина ќе инвестира во максимално подобрување на капацитетите и инфраструктурните услови за развој на спортот на територијата на локалната самоуправа, а исто така континуирано ќе ги поддржува младите талентирани спортисти сè со цел тие да си го остварат својот животен сон, цели и амбиции и да постигнат значителни успеси со кои ќе се реализираат во перспектива како успешни професионални спортисти.









