На иницијатива на претседателката на Инспекцискиот совет, Даниела Рендевска, денеска, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски во својот кабинет оствари информативна средба со претставниците на ова работно тело. На состанокот присуствуваше и раководителката на Секторот Инспекторат при Општина Карпош, Богданка Милошевиќ Мучева,  а во рамки на средбата, акцентот беше ставен  на проблемите со кои се соочуваат инспекциските служби, како и на надлежностите при примена на Законот за инспекциски надзор.

 

Притоа, претседателката Рендевска и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, неодамна одржаа координативен состанок на кој се дискутираше за предизвиците со кои се соочува инспекцискиот надзор и во таа насока беа разгледувани повеќе алтернативи за продолжување на понатамошната меѓуинституционална соработка. Оттука произлезе и иницијативата за денешната средба со градоначалникот Јакимовски, која е дел од работната агенда насловена како „ИНФО денови со локалните инспекциски служби“. Имено, „ИНФО деновите“ коишто се од информативно – советодавен карактер, се одржуваат со цел да се помогне на општинските инспекциски служби доследно да го применуваат Законот за инспекциски надзор.