(ИНТЕРВЈУ) БОГОЕВ: НЕ Ѝ СЕ ПОГОДИВ НА УРБАНАТА МАФИЈА!
- јануари 18, 2021
- 0
Интервју на градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев за дневниот весник „Слободен печат“
„До мене стигаат информации дека некои инвеститори се подготвени да направат сѐ што треба за да не бидам кандидат за градоначалник на следните избори.“
1. Оваа 2021 година е изборна година. Кои се приоритететите што планирате да ги сработите воОпштина Карпош во последниве месеци од Вашиот актуелен мандат?
– Веќе го донесовме Буџетот за 2021 година. Истиот е реален, сервисира долгови од минатото, но одвојуваме средства и за важни проекти. Приоритет и оваа година ни е заштитата на животната средина. Во оваа насока, со Градот Скопје ќе го продолжиме паркот долж Кејот на Вардар (од спортско – качувачката карпа до бунарите на река Лепенец). Паралелно, планираме и 6 милиони денари за засадување на нови дрвја, тревни површини и поставување на системи за наводнување по населбите. Следуваат и субвенции за велосипеди, како и чистење на диви депонии.
Инсистирам на почеток на реконструкција на салата „Партизан“ и од директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски добив гаранција дека тендерот за реконструкција на култната сала набрзо ќе се распише.
Во делот на инфраструктура, Општина Карпош со поддршка на Светска банка ќе ги реконструира улиците „Париска“, „Иван Аговски“, „Мирка Гинова“, „Шекспирова“ и „Гиго Михајловски“. Исто така, започнуваме и со обнова на плочникот во Порта Влае. Со поддршка од Владата и Градот Скопје, ќе започнат и покапиталните инфраструктурни проекти: изградба на мост од ул. „Љубљанска“ (Карпош 4) преку Вардар до клучката кај Бардовци, како и кружен тек кај Криви Дол.
Од средина на годината ќе започне и проектот за „Хумани патроли“, кој овозможува грижа и нега за постари и изнемоштени лица во нивните домови. Дополнително, ќе ги поддржиме и младите со стипендии (за талентирани ученици и спортисти), а нема да ги заборавиме и лицата со попреченост.
Секако, продолжуваме на дневно ниво, во рамки на нашите надлежности да се справуваме и со последиците од КОВИД – 19. Се на сѐ, ќе биде динамична година, во која се предвидени проекти за сите генерации на граѓани.
2. Урбанистичкото планирање, по сите истражувања и анализи е тема која најмногу ги засега граѓаните. Што ќе сторите за конечно да се стави ред по ова прашање и кои ви се плановите за оваа година во делот на урбанистичко развивање на Карпош?
– Во изминативе три години навистина се трудиме да обезбедиме похумано живеење во Карпош и да опстоиме на ветувањето за хумана и планска урбанизација. Сигурен сум дека можеме повеќе, но со оглед на затекнатата ситуација и тоа како спречивме доуништување на урбаното јадро на Карпош. Го заштитивме паркот на „Букурешка“ во Тафталиџе 1, трајно е заштитен делот околу салата „Партизан“ и самата сала, која свесно се оставаше да пропаѓа, за да се задоволат интереси на урбаната мафија. Атрактивниот дел, долж Кејот (од спортско – качувачката карпа до бунарите на р.Лепенец) раззеленува и прераснува во спортско – рекреативна зона. Успеавме да спречиме ново урбанистичко злосторство во Тафталиџе 1 (околу гимназијата ГУЦ). Избришавме две маркици за згради од државно земјиште, за да се остави простор за парковско зеленило и објект за државни институции.
Денеска, имаме драстична разлика и во делот на носење на деталните урбанистички планови. Јавните анкети и презентации навистина се јавни, со зголемена транспарентност и не се организираат за време на новогодишни празници туку секој анкетен лист се разгледува и истиот може да направи промена.
Јас од почетокот на мандатот зборувам за планска и хумана урбанизација и ширење на Карпош кон периферијата. Ние веќе имаме донесено урбанистички план за делот од Касарна „Илинден“ и нашата намера е таму да ја пренасочиме урбанизацијата. За овој дел веќе постои интерес и тоа е единствениот начин, да не се спречи развојот, урбанизацијата, но и да се заштити урбаното јадро, кое веќе е презаситено од градби.
Секако, и таму градбата да биде соодветна, имајќи го предвид локалниот контекст и средина.
3. Дали во изминативе години имавте притисоци од градежните компании или можеби од своето поблиско политичко опкружување за „кат повеќе“ или некоја друга отстапка при доделување градежни дозволи и придонесување ДУП?
– Ако кажам дека немало притисоци, ќе излажам. Притисоци имало, има и за жал, ќе има. Како градоначалник, до мене стигаат информации дека некои инвеститори се подготвени да направат сѐ што треба за да не бидам кандидат за градоначалник на следните избори. Затоа што не им се исполнети лични апетити и бизнис интереси. Очигледно, како градоначалник не и се погодив на урбаната мафија.
Сепак, Карпош не е општина која е раководена од урбаната мафија туку од градоначалник и советници кои се избрани од граѓаните на непосредни избори. Карпош повеќе не е општина во која инвеститори „влегуваат како каубојци“ и нарачуваат ДУП – ови по свој терк. И мислам дека оваа порака ја испратив недвосмислено уште на почетокот на мандатот, но ја испраќам и сега, во последната година од истиот.
Во ниту еден случај не било и нема да биде загрозено на некој правото да инвестира согласно она што е важечко, дозволиво и исправно. Нормално е некој да може да гради на сопствено градежно земјиште, но согласно важечките закони, урбанистички документи и незагрозувајќи го квалитетот на живот на тие околу него.
За жал, порано биле поставени други практики. Но, како што кажав, тоа сега „не пали“ ! Изборите во 2017 година ги добив со нешто повеќе од 21.000 гласови од граѓани. Во ниту еден момент не мислам да ја девалвирам граѓанската поддршка добиена во една урбана општина, како што е Карпош, само за да задоволам нечии интереси. И да, тие притисоци одземаат време, прават потешкотии при секојдневното работење, но мене совеста ми е чиста. Багаж од минатото не носам, а за постигнатото и работата не одговарам пред неколкумина туку пред сѐ кон граѓаните, кои гласале за мене, но и гласале за друг кандидат или не излегле на избори.Затоа што јас сум градоначалник на сите граѓани.
4.Некои здруженија на граѓани обвинија за нетранспарентност во работата на општинскиот совет и дека граѓаните не можат да следат што се случува на седниците.Толку ли е тешко во денешно време да се овозможи во живо пренесување на седниците?
– Секој граѓанин, здружение на граѓани може да ја следи онлајн седницата на Советот преку видео бим од општинските простории во УЗ „Кузман Јосифоски – Питу“.Изминативе месеци седниците се одржуваaт по електронски пат и апсолутно дека има можност да бидат следени, со присуство во општински простории, под посебни протоколи за заштита од вирусот.
Емитувањето на седниците во живо значат и дополнителни средства и ресурси.Сепак, можеби е добра идеја да се направи унифицирано решение за сите општини, а зошто да не и канал каде што би се емитувале седниците од Совет (слично како седниците од Собрание). Верувам дека ЗЕЛС може да иницира вакво нешто.
5. И годинава ги повикавте карпошани да учествуваат во креирањето на општинскиот Буџет за 2021 година. Дали нешто од нивните предлози и идеи беа прифатени?
– Апсолутно дека дел од предлозите се прифаќаат. Преку анкетните прашалници имавме повеќе барања за реконструкција на плочникот во Порта Влае и реализацијата на овој проект започнува годинава. Оваа партиципативност на граѓаните ни помага да се фокусираме на главните проблеми и да ги рационализираме средствата.
6. Уште пред една година се спроведе анкета меѓу жителите на Карпош 1 и 2 за регулирање на паркирањето, но до денес нема никаква реализација. Зошто се уште трае договарањето со „Градски паркинг“, каде е проблемот?
– Спроведовме анкети за да го утврдиме интересот на граѓаните, дали карпошани сакаат зонско паркирање или не. Во Карпош 1 и Карпош 2 доминантни се одговорите за да се воведе зонско паркирање. Сакам повторно да истакнам дека паркирањето останува да биде бесплатно за граѓаните – резиденти, до три нивни возила. А, сите оние кои живеат во подалечните населби или во други општини би плаќале по 30 денари од час. Но, правилникот на ЈП „Градски паркинг“ опфаќа и повеќе бенефиции и пониски цени за паркирање, месечни билети за почести гости и сл.
Сепак, разговарајќи со ЈП „Градски паркинг“ се посочува дека во дел од населбите ќе се соочиме со проблеми. Имено, во Карпош 1 доминираат потесни сервисни улици, а зонското паркирање, исцртувањето на паркинг места подразбира и ослободување на тротоарите од возила (нормално), со што значително ќе се намали капацитетот за паркирање во одредени населби (особено во Карпош 1 и на пример на „Млечен“).
Имајќи ги предвид овие околности, се подготвува нов предлог на паркинг решение кое во предвид ги зема спефициките на микро ниво, по населби, со цел и резидентните граѓани да не се соочат со недостиг на паркинг места.
Свесен сум дека помина доста време, но решението мора да биде функционално и одржливо на долг рок.
7. Од кои досегашни проекти сте најзадоволни? Има ли нешто што сакавте, но не успеавте да го реализирате?
– Најзадоволен сум од новиот спортко – рекреативен и зелен центар во Карпош 3, во дворот на основното училиште „Лазо Трповски“. Тука уредивме зона на 11.000 м2. Имаме ново зеленило, спортски терени, фитнес и детски дел. Исто така, заврши и изградбата на Спортско – адреналинскиот парк (кај спортско – качувачката карпа), со што добиваме една атрактивна зона за младите, но и за сите граѓани.
Јавната хигиена ја подигнавме на едно повисоко ниво, со повторното миење на улиците со цистерни, а задоволен сум што се реконструираше и градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1.
Не успеавме да започнеме со изградба на реонските базени по основните училишта, како резултат на административно – технички проблеми во Министерството за образование и наука. Сепак, се надевам дека оваа година ќе имаме напредок по ова прашање.
8.За месец – два неофицијално ќе започне изборната кампања. Вашето име се спомнува како сигурно за Карпош. Дали ќе „трчате“ за втор мандат?
– Некои мои колеги, познаници, па и пријатели веќе се сигурни дека ќе се кандидирам повторно за Карпош, имајќи ги предвид секојдневните активности кои јас и општината ги преземаме. Но, тие што ме познаваат подобро знаат дека ниту јас ниту мојот тим работиме кампањски. Работата е постојана, континуирана и така и ќе продолжи. Впрочем, најуспешната кампања е секојдневната работа.
Веројатно, во Македонија ако се забележи некаде или кај некој поинтензивна работа веднаш се претпоставува која е неговата следна функција. Можеби чудно, можеби не, но ослободен сум од притисокот, дали ќе се кандидирам за Карпош, дали ќе продолжам на некоја друга повисока, пониска позиција или слично.
Да, одлуката ќе биде донесена и соопштена навремено. Тоа што го знам е дека таа ќе ја донесам лесно, затоа што и кога сум се кандидирал за пратеник и кога сум се кандидирал за градоначалник зад мене стоел искрен тим на луѓе, млади и повозрасни граѓани, членови на СДСМ, на коалицијата, а не субјекти кон кои нешто треба да испорачам и да им бидам должен.
НОВА АТРАКТИВНА НАСЕЛБА КАЈ КАСАРНА „ИЛИНДЕН“
Деталниот урбанистички план (ССИ 03 Блок 4) го опфаќа делот околу касарна „Илинден“, кој потпаѓа под општина Карпош. Според овој ДУП се предвидува изградба на станбени зради од приземје, пет ката и поткровје, со височина од 21 метар и 168.000 м2 бруто површина за домување (А намена).
Во овој дел, се планира и изградба на ново основно училиште, како и други деловни објекти, кои можат да бидат маркети, игротеки, аптеки и сл. Тука има и маркици за потребите на Министерство за одбрана, но и простор предвиден за културни установи. Во рамки на овој ДУП има и дел Д1 – парковско зеленило, кое дополнително го облагородува изгледот на оваа населба во развој.
На овој начин се придонесува кон креирање на населба, која на вистински начин ги задоволува потребите на жителите и придонесува кон повисок квалитет на живот.
Општина Карпош и Градот Скопје се подготвени да пробијат и нова инфраструктура (улици, канализација и водоводна мрежа), за инвеститорите кои ќе вложат во овој дел од општината.