ИНОВАТИВНИ РЕШЕНИЈА ЗА ЕКО-КАРПОШ
- април 6, 2016
- 0
По повод реализација на заедничкиот проект за ладење и греење „Cool Heating“, денеска, д-р Наташа Марковска од МАНУ одржа стручна презентација во кабинетот на градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Марковска детално ги образложи главните придобивки од проектот, чиј импакт се движи по две главни линии – економски и еколошки бенефити. Имено, се работи за значително намалување на трошоците за греење и ладење, како и намалување на емисијата на штетни гасови во атмосферата, преку исфрлање од употреба на фосилните горива.
Носител-координатор на овој меѓународен проект во кој учествуваат 11 партнери од осум земји, е германската научна академија од Минхен. Како таргет-земји во кои би се применувале новите енергетско ефикасни модели за греење и ладење, се јавуваат Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Словенија и Општина Карпош, како единствен учесник од Македонија. Целта на овој проект е проширување на знаењата и зголемување на свеста за малите системи за греење, кои се базирани на обновливи извори на енергија, (биомаса, геотермални пумпи, соларно греење и сл.). Можните локации во општина Карпош кои би се опфатиле со овој проект, дополнително ќе ги утврдат стручните лица од МАНУ и Општина Карпош, по претходно изработена студија.
Локалната самоуправа, започна со реализација на проектот „Cool Heating“, во јануари годинава, кој се очекува да заврши до 2019 година. Овој меѓународен проект е дел од програмата „Хоризонт 2020“, која е најголема програма во ЕУ за истражување и иновација досега, со скоро 80 милијарди евра расположливи средства. Со учество во овој проект и поддршката на бројни иницијативи, општина Карпош доби персонален код за идентификација (PIK), со кој ќе биде препознатлива на сите европски интернет страници за енергетска ефикасност.