Целосно е завршено инклузивното детско игралиште, во Влае 2, до платото „Делфина“. Станува збор за нова зона за рекреација на најмладите, а сите реквизити се прилагодени и за децата со попреченост.

Инклузивното игралиште се протега на површина од 450 м2, а во околината е поставена и соодветна урбана опрема, клупи за седење и корпи за отпадоци, како и заштитна ограда. Дополнително, околу игралиштето  беше  засадено и ново зеленило.

 

При денешната посета, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев напомена дека ова игралиште ќе обезбеди вмрежување и комуникација меѓу сите деца.

  • Навистина сме фокусирани да градиме заедница која ги прифаќа сите. Тоа го покажавме и со отворањето на сензорната соба за ученици со попреченост во училиштето „Вера Циривири Трена“, „Димо Хаџи Димов“, а во финална фаза е отворањето на ваква училница и во „Лазо Трповски“.

Ова игралиште ќе биде чувано од посебно овластено лице, кое се грижи за овој дел од населбата, и ги повикувам сите корисници, граѓани одговорно да се однесуваат кон реквизитите, односно да не се уништуваат урбаната опрема и реквизитите, рече Богоев.

 

На настанот присуствуваше и министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, како и претседателот на Советот за развој на Скопски плански регион, Борче Георгиевски. Тие ја истакнаа важноста од создавањето на вакви зони за рекреација на најмладите.  Овие катчиња имаат за цел да ги отстранат разликите меѓу децата и од рани години да соработуваат и да другаруваат.

За овој проект локалната самоуправа доби грант од 50 илјади евра, како резултат на подготвената апликација од Секторот за развој при Општината.

Финансиери на овој проект се: Министерството за локална самоуправа, Швајцарскатата агенција за соработка и развој и Општина Карпош, а имплементатор е Центарот за развој на Скопски плански регион.