ИНИЦИЈАТИВА ЗА ФОРМИРАЊЕ НА ЛОКАЛЕН СОВЕТ ЗА ЖЕНСКО ПРЕТПРИЕМНИШТВО ВО КАРПОШ
- октомври 13, 2022
- 0
Претставници на Националната платформа за женско претприемништво во соработка со Општина Карпош, денеска одржаа иницијативен состанок во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент, во чии рамки се расправаше за предлог – иницијативата за формирање на Локален совет за женско претприемништво (ЛСЖП). Имено, ова тело треба да работи во насока на подобрување и унапредување на економската независност кај жените кои живеат или работат на територија на локалната самоуправа. Токму затоа од особена важност за нив е зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за женско претприемништво, со цел креирање на политики, застапување и соработка со националните и локалните власти, како и формирање на локални клубови за женско претприемништво.
На состанокот присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода ги поздрави присутните и преку својот воведен говор ги охрабри и ги мотивираше членовите на Иницијативниот одбор да продолжат да ја развиваат оваа активност во насока на зајкнување на позициите на жените претприемнички.
- Како градоначалник на локалната самоуправа го поддржувам формирањето на овој Локален совет и оттука ви стојам на располагање, во поглед на афирмација на ова тело. Но исто така би сакал да напоменам дека Општина Карпош може да помогне за поголема функционалност на Локалниот совет преку организирање на обуки за жените претприемнички, како и за посетување на меѓународни саеми за таа намена кои ќе придонесат за стекнување на нови интернационални искуства. За таа цел, ќе работиме и на унапредување на годишната предлог – програма за еднакви можности меѓу жените и мажите во Општина Карпош, која ќе влезе во рамки на претстојниот Буџет на локалната самоуправа – објасни Јакимовски.
Притоа, за време на иницијативниот состанок беа разгледувани програмскиот акт за Советот за женско претприемништво, како и самата иницијатива за формирање на ЛСЖП. Во таа насока, Иницијативниот одбор кој подоцна ќе прерасне во Локален совет, го сочинуваат градоначалникот на Општина Карпош, сите советнички од локалната самоуправа, координаторот и заменик координаторот за еднакви можности, претставник на Националната платформа за женско претприемништво, како и претставнички од граѓанскиот, образовниот и бизнис секторот од општината.
Конкретнава активност произлезе од Декларацијата за подобрување и унапредување на положбата на женското претприемништво, која во февруари годинава ја потпишаа првиот човек на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски и претседателката на Националната платформа за женско претприемништво, Валентина Дисоска. Инаку, оваа платформа е воспоставена преку проект којшто е кофинансиран од ЕУ, а го спроведува Здружението на бизнис жени, во партнерство со Сојузот на стопански комори на Македонија, Националната федерација на фармери и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување (МИР).