Шефот на македонската Влада, Димитар Ковачевски, во придружба со градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, генералниот директор на ТАВ, Неџат Курт и претставникот на Градежниот институт Македонија (ГИМ), Виктор Атанасов,  денеска беа во обиколка на екипите на теренот, коишто работат на изведба на новиот мост што се гради на реката Вардар, на улица „Љубљанска“. Станува збор за мост во должина од 113 метри и широчина од 24 метри, кој треба да ги поврзе населбите Карпош 4  и Злокуќани.

 

Претставникот на ГИМ изврши куса презентација  на инфраструктурниот проект, а потоа присутните направија увид на градежните работи на теренот. Притоа, стручното лице констатираше дека долната конструкција на мостот е завршена и моментално се работи на горниот дел (горен слој). Според планираната динамика, сите столбови се завршени и подизведувачот моментално работи на поставување на скелиња на горниот дел меѓу двата средни столба (1 и 2). Во претстојниот период следуваат низа активности кои подразбираат поставување на масовна арматура, цевки и црева за главните носачи, попречни носачи, како и поставување на плоча помеѓу двата средни столба (1 и 2). Се проценува дека бетонирањето на завршниот дел од горната конструкција на мостот ќе се одвива кон средината на септември, 2023 година.

 

  • Денеска сме присутни овде, за да се увериме дека активностите на еден успешен и многу значаен проект за општина Карпош, меѓутоа и за градот Скопје, се одвиваат со една добра динамика. По денешниот увид можеме да констатираме дека работите се изведуваат според планот и дека конечното архитектонско решение на овој мост ќе добие своја финална форма до крајот на годината – посочи Ковачевски.

 

Мостот ќе има четири коловозни ленти, како и пешачки и велосипедски патеки. За реализација на овој инфраструктурен зафат кој треба да поврзе два дела од главниот град, се обезбедени над 6,2 милиони евра преку ТАВ програмата. Поточно, ќе бидат поврзани фреквентните улици „Илинденска“ и „Скупи“, со што овој мост станува и нова патна врска помеѓу општините Карпош, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел и Шуто Оризари.

 

  • Овој витален и капитален објект има посебно значење за развој на населбите Злокуќани и Бардовци, односно со самото инфраструктурно поврзување на улицата „Љубљанска“ со улиците „Скупи“ и „Ацо Шопов“, тие добиваат на квалитет и динамика. А со евентуалното поврзување со улицата „Словенечка“, тука се поврзуваат и останатите општини од северниот дел на градот Скопје. Ние како локална самоуправа за овој дел од општината веќе подготвуваме два нови урбанистички планови, со тоа што, со изградбата на овој мост практично овозможуваме целосен развој на овој дел од Карпош – потенцираше Јакимовски.