ИЗГЛАСАН КВАРТАЛНИОТ ИЗВЕШТАЈ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ НА ОПШТИНСКИОТ БУЏЕТ
- октомври 21, 2024
- 0
Во амфитеатарот на Универзитетот Скопје, денеска заседаваше Советот на Општина Карпош каде се одржаа две редовни седници, додека во рамки на првата се разгледуваше единствената точка на дневниот ред, при што беа поставувани советнички прашања.
Веднаш потоа стартуваше втората седница, каде се разгледуваа шест точки кои се најдоа пред советниците од Карпош. Во таа насока се поведе куса дискусија за Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Карпош, за извештајниот период (кумулативно) за квартал од 1. јануари до 30. септември 2024 година. Имено, во образложението на Кварталниот извештај беше наведено дека во вкупните приходи планирани со Буџетот за 2024 година е утврден износ во висина од 1.299.451.000 денари, додека пак реализираните приходи за третиот квартал изнесуваат 982.492.893 денари. Во Општинскиот Буџет, приходите се планирани во износ од 594.236.000 денари, каде што е остварена реализација на приходите за трет квартал во износ од 492.309.268 денари.
Оттука, од приходите на конто – Данок од доход од добивка и капитални добивки се добиени вкупно средства во износ од 34.037.357 денари, а од Даноци на имот се добиени 164.399.075 денари. На контото од даноци за специфични услуги се бележи прилив на вкупни средства во висина од 248.716.931 денари, а од трансфери од други нивоа на власт (дотации од приходи од ДДВ и од ЈП за државни патишта) се добиени средства во износ од 28.079.513 денари.
Планираната блок дотација изнесува 596. 299.000 денари, од којашто е реализиран износот во висина од 453.486.295 денари. Во прилог на образложението стои и дека Самофинансирачките активности за основното образование и детските градинки се планирани во износ од 73.958.000 денари, а реализираните приходи се во висина од 33.213.117 денари.
Во продолжение на седницата советниците ја поддржаа Одлуката за прогласување на заслужен граѓанин на општина Карпош за 2024 година, а со истата динамика беше изгласано Решението за давање на согласност на Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за систематизација на работните места во ООУ „Војдан Чернодрински.