ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА АКЦИЈА ЗА КАСТРЕЊЕ НА СУВИ ГРАНКИ
- февруари 6, 2019
- 0
Утринската акција на улицата „Волгоградска“, во Карпош 4 каде што се сечеа и кастреа суви гранки беше спроведена од ЈП „Паркови и зеленило“.
Општина Карпош нема преземено иницијатива за сеча на гранките на овој потег, туку станува збор за активност на јавното претпријатие поради староста на дрвјата во овој дел од населбата.
Имено, остарените и исушени дрвја претставуваат сериозна опасност за околината, за граѓаните, а може да направат и поголема материјална штета на паркираните возила.
Локалната самоуправа во неколку наврати го повика ЈП „Паркови и зеленило“ да ја известува јавноста за овие нивни акции, со цел да не се шират лажни информации за уништување на зеленилото.
Општина Карпош во изминатиот период засади повеќе дрвја, внатрешно низ населбите, вклучително и во Карпош 4. Акцијата за зголемување на меѓублоковското зеленило ќе продолжи и оваа пролет. Сепак, за кастрење на суви гранки и дрвја надлежноста е единствено кај ЈП „Паркови и зеленило“, кои дејствуваат по претходно испратено барање за отстранување на суви и болни гранки или дрва.