Улицата „Париска“ во населбата Тафталиџе, целосно ќе биде реконструирана, со што значително ќе се подобри инфраструктурата во еден од деловите кој беше најпогоден од непланската урбанизација на Карпош.

Во претстојниот период, нов лик ќе добие и улицата „Мирка Гинова“, а проектна документација за реконструкција се подготвува и за улиците „Гиго Михајловски“, „Шекспирова“, „Иван Аговски“ и  „Бледски договор“.

 

За обновата на улицата „Париска“, денеска, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев потпиша Меморандум за соработка со Министерството за транспорт и врски за Проектот за поврзување на локални патишта,.

Улицата ќе биде реконструирана со средства, заем од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска Банка.

 

Проектот за реконструкција на улицата „Париска“ го финансираше Општина Карпош, а преку овој заем ќе се финансира изведбата на улицата.  Како што најави и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, за скоро ќе биде распишан и  тендерот за избор на изведувач на инфраструктурните зафати.

 

На денешниот настан во Владата на Република Северна Македонија се обрати и Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, заменик претседателката за економски прашања, Мила Царовска и министерката за финансии, Нина Ангеловска.

Сите ја посочија важноста на овој проект, со кој ќе се подобри патната и сообраќајна инфраструктура во цела држава. Подобрувањето на состојбата на локалните улици во значајна мера влијае и на раздвижување на локалната економија, како и за обезбедување на побрз и побезбеден транспорт.