ЗАПОЧНА ЧИСТЕЊЕ НА ДЕПОНИИТЕ ДОЛЖ КЕЈОТ НА ВАРДАР
- април 23, 2019
- 0
Со голема механизација, токму од депонијата позади СЦ „Борис Трајковски“ која недоамна беше и запалена, Општина Карпош ја започна акцијата за чистење на депониите долж Кејот на реката Вардар. Со вклученост на ЈП Водовод и канализација и други јавни претпријатија, како и приватни градежни компании, во претстојните неколку дена ќе се чисти и рамни потегот на кој со децении се одлагаше градежен шут и габаритен отпад.
Како резултат на лесната пристапност и достапност на овој терен, голем број на несовесни граѓани, компании и институции придонесуваа кон уништување на овој дел од Карпош, но и од Градот Скопје.
По завршување на активностите за чистење на теренот, ќе бидат преземени мерки за целосна контрола и заштита на овој потег со цел да се спречат нови депонии, огнови на отворено и пожари.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев посочи дека токму спречувањето на нови депонии во овој дел е од примарно значење.
– Со соодветната механизација ќе се исчисти/израмни теренот, а во последната фаза, заедно со Градот Скопје ќе изнајдеме начин за трајно да се спречи фрлање на шут и отпад на овој дел!
Пред неколку месеци ја затворивме и депонијата кај мостот „Газела“ (во продолжение на овој дел од кејот), а верувам дека со оваа акција ќе ставиме целосен крај на депониите во една од најатрактивните спортско – рекреативни зони во нашиот град. Апелирам до сите, граѓаните и стопанските субјекти правилно и совесно да го одлагаат отпадот, затоа што нема да дозволиме нови депонии, огнови и пожари. Ќе следуваат санкции за сите несовесни субјекти, рече Богоев.
Акцијата е во соработка со Градот Скопје и јавните претпријатија, а градоначалникот Петре Шилегов напомена дена токму на ова место се одлагало отпад уште од катастрофалниот земјотрес.
Намерата на Градот е во блиска иднина, на овој дел, да започне и подигнување на третиот дел од Градскиот парк во Скопје.