Започна пролетната акција за засадување на 200 ореви, во сите населби низ општина Карпош. Комуналните служби садат во близина на Кејот на Вардар, во Карпош 4 (долж улица „Желево“), Козле (кај „Јуриј Гагарин“), на плоштадот „Делфина“ во Влае 2 и на улицата „Женевска“ во Тафталиџе 2.

 

Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев во изјава за медиумите посочи дека на овој начин дополнително се зголемува меѓублоковското зеленило – зеленилото меѓу зградите.

Претходно, ваков тип на дрвја беа засадени по дворовите на детските градинки и основни училишта.

 

  • Можам да најавам дека оваа година ќе засадиме и 150 други, висококвалитетни дрвја. Исто така, планираме и подигнување на 4 нови маалски паркови, со тревни површини, украсни растенија и системи за наводнување, рече Богоев.

 

Зголемувањето на зеленилото е еден од основните предуслови и за намалување на аерозагадувањето.

Бројките покажуваат дека главниот град дише помалку загаден воздух во последниве пет години.

 

Градоначалникот Богоев нагласи дека намаленото аерозагадување, треба да нѐ мотивира сите, уште повеќе да вложуваме во зелени површини, еко – системи на греење, субвенции за велосипеди, обновливи извори на енергија, во планска урбанизација и дисперзирање на градбата кон периферијата.