Општина Карпош започна со реставраторските и конзерваторски работи на главниот конак во манастирскиот комплекс Свети Пантелејмон во Горно Нерези.

 

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев денеска го посети овој комплекс, кој е и дел од нашето културно наследство.

 

  • Станува збор за обнова на столаријата и внатрешно уредување на главниот конак. Имено, се реконтструира подот, тоалетите, се заменуваат прозорите, а се поставува и нов систем за противпожарна заштита и електрична инсталација. На овој начин го враќаме автентичниот изглед на главниот конак, кој со години делуваше запуштено и неуредено, рече Богоев.

 

За оваа инвестиција, локалната самоуправа аплицираше и доби средства во износ од 6 милиони денари од Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој.

 

Свети Пантелејмон датира од XII век и е еден од белезите на Карпош, но и на Градот Скопје. Тука секојдневно минуваат голем број на посетители од земјата и странство.

 

Затоа особено важно е да ги одржуваме овие комплекси, а реконструкциите да бидат во духот на одржување на автентичноста и уникатноста.