Од денеска, четврток (03.08.2023), официјално е отворен рокот за пријавување на екипи кои сакаат да учествуваат на меморијалниот турнир во мал фудбал „Оливер Соколов – Сокол“ 2023 година, кој ќе се одржи по 19-ти пат на спортското игралиште  во рамки на ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“ (Карпош 1). Пријавувањето ќе трае до 28-ми август (понеделник), додека пак, извлекувањето на екипите ќе се одржи на 30-ти август. Според традицијата која ја практикуваат организаторите, стартот на турнирот е закажан за 1-ви септември со почеток во 20:00 часот, а бројот на учесници е ограничен на точно 40 екипи.

 

Притоа, сите информации и детали околу пријавувањето на спортските екипи можат да се добијат на телефонските броеви 077 655 699 и 077 655 988 или пак на веб страницата http://sokolturnir.mk во делот „ПРИЈАВУВАЊЕ“.

 

Вкупниот награден фонд на турнирот се очекува да изнесува над 900.000 денари, а пријавувањето по екипа ќе чини 7.000 денари. Еден од главните покровители на овој турнир е Општина Карпош која го поддржува овој спортски спектакл со 300.000 денари, а покрај паричните средства, локалната самоуправа ќе изврши и корекција на трибинскиот простор и заштитната ограда.