Со почетокот на септември, се огласи и училишното ѕвонче кое ги повика основците да се вратат во училишните клупи. Некои ќе продолжат да го надоградуваат своето знаење, а некои од нив за првпат ќе се запознаат со тајните на образованието. Поискусните ученици заедно со своите наставници ги пречекаа првоодделенците во своите училишта, и подготвувајќи им свечена приредба им посакаа топло добредојде на своите најмали другарчиња. По тој повод, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска присуствуваше на училишната манифестација во ООУ „Аврам Писевски“, каде годинава досега се запишаа 23 првачиња.

 

По поздравниот говор на директорката Кристина Андриќ Стојановска, пред присутните говореше и првиот човек на Општината.

 

  • Доаѓаме во ова основно училиште да го означиме почетокот на новата учебна година како симболичен гест од страна на Општина Карпош, бидејќи им посветуваме посебно внимание на бардовчани, на овдешниот живот и на училиштето „Аврам Писевски“. Посакуваме што повеќе деца да учат во ова училиште, да создадеме подобри услови за работа и престој на основците. Од тие причини, за една деценија веќе по вторпат го реновираме ова училиште вклучително и спортската сала којашто навистина се наоѓаше во лоша состојба. Ние ќе продолжиме во таа насока, со тоа што ќе ве замолам доколку вие имате некакви конструктивни идеи, слободно да ни ги предложите, а наша обврска е истите да ги разгледаме и да ги реализираме – се обрати пред присутните родители, градоначалникот Јакимовски.

 

Во изведба на училишниот хор, во дворот одекна и химната на ООУ „Аврам Писевски“, по што следуваа и ритмичките движења координирани според класичната музика на Бетовен. Следуваа перформансите „За сите деца“ и „Имаме право на глас“, додека пак, ученичката Лина Крстевска ја рецитираше песната „Ода на детството“. Крајот на приредбата беше одбележан со изведба на песната „Децата ве молат“, рециталот „Прваче“ и ритмичката точка „We are the world“. Во знак на добредојде, првоодделенците добија и пригодни подароци, (училишни ранци и дел од училишен прибор).