Започна изведбата на спортско – адреналинскиот парк во Карпош
- октомври 10, 2019
- 0
Денеска започнаа активностите за изведба на спортско – адреналинскиот парк долж Кејот на реката Вардар, со почетна точка кај алпинистичката карпа, во Општина Карпош. Станува збор за нова, уредена зелена површина, спортско – рекреативна зона која ќе се простира на површина од 10.000 м2.
Општина Карпош за овој парк, преку Секторот за развој, аплицираше со проект во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), при што добиен е грант во висина од 38.100.000 денари. Оваа финансиска поддршка ја обезбеди Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија преку Кабинетот на заменик претседател на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев. Учеството на локалната самоуправа изнесува околу 5 милиони денари.
Во денешната изјава за медиуми, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев се осврна на содржините кои ќе ги содржи паркот, како и за трајната придобивка што ќе се добие со неговата реализација.
- Во рамки на паркот ќе има ново, уредено зеленило на површина од 4.000 м2, 120 нови дрвја, како и: детско игралиште, фудбалско игралиште на песок со трибини, одбојкарско игралиште на песок со трибини, скејт парк, адреналински содржини, а оваа целина ќе биде заокружена со сквер што ќе се простира на површина од 140 м2.
Оваа зелена, спортско – рекреативна зона ќе се надоврзува на големиот парк, до бунарите на реката Лепенец.
Имено, по завршувањето на спортско –адреналинскиот парк, се фокусираме на уредување на јавниот простор до бунарите на р. Лепенец. Како трајна придобивка е целосното разубавување на овој потег, конечното решавање на деценискиот проблем со создавање на диви депонии и палење огнови на отворено, рече Богоев.
Тој напомена дека овој парк е едно од главните ветувања во неговата изборна програма, и истиот се очекува да биде завршен до крајот на месец јуни, 2020 година.
После долги години се создаваат нови „бели дробови“ на Карпош и на нашето Скопје. Во изминатите години, Карпош се соочи со сериозно узурпирање на јавните површини, но локалната самоуправа спроведува континуирани мерки за надоместување на изгубеното зеленило и хуманизација на јавниот простор.
Во оваа пригода, градоначалникот Богоев изрази благодарност до партнерите, Европската Унија, кабинетот на Вицепремиер Анѓушев, Единицата за спроведување на Проектот за локална и регионална конкурентност и Светска Банка, за придонесот и ангажманот во целиот процес и за фактот што финансираат потпроект од областа на заштита на животната средина.