Директните дуели помеѓу „Капитал банка“ со Систина“ и  „Уника осигурување“ со Мулти магнат“, кои се одиграа вчеравечер во училишната сала на СУГС „Орце Николов“, го означија официјалниот старт на ,,Бизнис Баскет лигата’’ 2016/17 во Карпош.

Втора година по ред, Општина Карпош во соработка со С.Ц ,, Форца’’ учествуваат во организација на овој спортски настан.

Оваа година, во аматерското кошаркарско натпреварување ќе учествуваат десет пријавени екипи, кои ќе играат меѓусебно во есенски и пролетен дел. На официјалното отворање присуствуваше и претседателот на Советот на Општина Карпош Сашо Лазаровски, кој истакна дека за ова натпреварување има се поголем интерес  за учество на екипни тимови и спонзори кои сакаат финансиски да го поддржат ова натпреварување.

 

–                    Предвидени се награди за првопласираните три екипи. Победниците ќе патуваат во Грција, второпласираните во соседна Бугарија, додека третите на финалната табела, ќе имаат можност бесплатно да ја користат спортската сала во ,, Форца’’. Морам да напоменам дека Општина Карпош е локална самоуправа која е на прво место во Република Македонија во поддршка на спортот и спортските активности, за кое,  доказ се и резултатите на натпреварувачите од нашата Општина. Лично се надевам , дека оваа лига ќе прерасне во традиционално натпреварување, и ќе се издигне на едно повисоко професионално ниво, со што кошарката во Општина Карпош, ќе бележи поголеми успеси – нагласи Лазаровски.

 

По разигрувањето во  есенскиот и пролетниот дел од лигата, следуваат четвртфинални и полуфинални натпревари, како и големо финале, по кои ќе бидат познати победниците, и конечниот редослед на табелата.