ЗАЕДНО СМЕ ПОСИЛНИ – АТЛЕТИЧАРИТЕ МАКСИМ И СОФИЈА ТРЧААТ КОН ВРВОТ
- март 17, 2023
- 0
Постојат многу спортски приказни кои започнуваат од најмала возраст и кои подоцна го достигнуваат врвот. Секогаш е убаво кога се слуша за нив, а уште поубаво е кога тие доаѓаат од нашите најмали сограѓани од нашата општина. Една таква приказна тукушто започнаа да ја раскажуваат Максим и Софија Илиевски, брат и сестра, атлетичари во АК “Работнички,, кои се ученици во IX и VII одделение во основното училиште „Вера Циривири-Трена“ од Општина Карпош.
Спортската приказна започна со Софија чиј талент уште на првите тренинзи беше забележан од професорката по атлетика, тренер во АК Работнички, Божурка Ѓошевска. Одличната работна атмосфера на тренинзите, љубовта кон спортот и желбата за натпреварување, беа одлучувачки фактор за и нејзиниот поголем брат Максим да ја избере атлетиката. Нивната посветеност на тренинзите, предиспозиции и талент дополнително им ја зајакна потребната самодоверба и желбата за докажување.
Софија, во изминативе две години ги има постигнато следниве успеси : прво место на Национално првенство за млади пионери-ки во дисциплина на 600 метри во 2021 година, прво место на Национално екипно првенство за млади пионери-ки во дисциплина на 600 метри во 2022 година, прво место на Национално првенство за пионери-ки во дисциплина на 600 метри во 2022 година и второ место на Национално првенство во крос трчање на еден километар во категорија на млади пионери-ки во 2022 година.
Максим ги следи стапките на својата сестра па и тој е освојувач на голем број први места. Тој го освојува првото место на Национално првенство во крос трчање на два километри во 2022 година, прво место Национално првенство во дисциплина 4×100 метри, второ место во силна конкуренција на трка на 800 метри на Меѓународниот атлетски натпревар во Софија, Р. Бугарија и уште многу други.
Својата мотивација од неодамна Максим и Софија ја надополнуваат со сознанијата за инспирацијата, истрајноста и пречките со кои се соочиле големите спортисти во нивниот пат до успехот и постигнувањето на крајната цел. Една таква приказна која особено ги мотивира е спортската приказна за големиот Усаин Болт неговите предизвици, потешкотии но и неговата желба да истрае кога е најтешко и да покаже и докаже дека со посветеност, дисциплина и правилна исхрана и невозможното станува возможно, ни раскажува Максим.
-Секогаш е добро да имате талент, но само талентот не е доволен за успех. Многубројните примери покажуваат дека упорната работа, дисциплината, спортските навики, посветеноста, самодовербата, мотивацијата и соодветните услови за тренинг се фактори кои сигурно ве водат кон успех. Во атлетиката како и во останатите индивидуални спортови особено е важна менталната подготовка и самодовербата, од причина што резултатот додека сте на атлетската патека зависи само од вас самите, не од тимот, не од останатите, единствен ваш придружник е патеката по која трчате – самоуверено раскажува Максим.
Како и секој млад и талентиран спортист веруваат во својот иден спортски успех, сонуваат во освојување на златен олимписки медал, освоен медал на европско и светско првенство. Карпошовите млади атлетичари, веруваат и сонуваат во својот спортски успех и нивната приказна која тукушто започнува да се раскажува.
Општина Карпош секогаш ќе биде на страната на спортот, целосно посветена на младите, на нивниот правилен развој, на спортот, нивното здравје, давајќи ја потребната поддршка, со цел тие достојно да не преставуваат во било која сфера на спортот и науката.