По повод започнување на меѓународниот проект „Hand in hand for the climate“ кој ќе се реализира во рамки на Еразмус+ програмата, основците и наставниците од ООУ „Петар Поп Арсов“, во придружба со партнерите од училиштата Salihli Bilim ve Sanat Merkezi (Турција) и Szkola Podstawowa Nr 25 im. Prymasa Tysiaclecia w Rzeszowie (Полска), денеска беа во посета кај градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Во оваа пригода, присутните го информираа првиот човек на локалната самоуправа за динамиката на овој проект, како и за ефектите кои ги очекуваат од него.

 

Оттаму ООУ „Петар Поп Арсов“ како главен координатор на проектот, во соработка со своите колеги и соученици од Турција и Полска, почнувајќи од денеска ќе спроведат петдневни активности (мобилност), во рамките на своето училиште. Покрај наставниците, во проектот се инволвирани и основците на возраст од 12 до 15 години. Проектните активности се во насока на борба против климатските промени, како една од главните стратегии на ЕУ за паметен, одржлив и сеопфатен развој.

 

Целта на проектот е да се запознаат наставниците и учениците со сериозноста на климатските промени и нивните ефекти, со што треба да се подигне свеста дека и малите позитивни промени можат да влијаат на глобално ниво. Главните теми кои ги разработува проектот се намалување на јаглеродниот отпечаток, пронаоѓање на нови обновливи извори на енергија, намалување на ефектот на стаклена градина, како и рециклирање и заштита на животната средина. Проектот ќе се одвива во неколку фази, при што се планира да се одржат низа работилници и кај партер-училиштата во Турција и Полска.