Општина Карпош дава препорака за организирање на настава по електронски пат, во деветитте одделенија во општинските основни училишта.

Како резултат на актелната состојба со вирусот COVID – 19 (коронавирус) и прекинот на воспитно – образовниот процес, локалната самоуправа иницира надоместување на изгубениот наставен материјал преку посебна дигитална платформа.

 

Имено, градоначалникот Стефан Богоев, заедно со претставници од Одделението за образование на Карпош, во текот на вчерашниот ден имаше средба со претставници од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование, како задолжени институции за планирање на наставата.

 

Пред институциите, Богоев ја претстави платформата, која е во процес на изработка, упатството за работа, како и целта на е – наставата.

Намерата е да се прикачуваат содржини кои би се изучувале во овој период од годината согласно наставните програми, но и да се креира двонасочна комуникација со учениците, да се мотивираат за овој начин на настава.

Приоритетот е ставен на деветитте одделенија, како резултат на фактот што учениците – полуматуранти ќе се соочат со уписи во средно училиште, но ги охрабруваме и пониските класови да ја спроведат платформата.

 

За оваа цел, во понеделник, Општината иницираше работна средба со сите десет основни училишта од Карпош, каде што ќе се претстави платформата, а се предвидува и презентација за целокупната јавност.