„Е – НАСТАВАТА“ ВО КАРПОШ ПОТТИК И ЗА ДРУГИТЕ ОПШТИНИ
- март 18, 2020
- 0
Општина Карпош е првата локална самоуправа којашто воведе „е – настава“ во основните училишта, после прекинот на воспитно – образовниот процес поради ширењто на Covid – 19 (коронавирусот).
Овој тип на неформална настава се имплементира преку платформата Google drive, откако беше спроведена обука со наставниот кадар од училиштата во Карпош. Од вчера, започна е – наставата за учениците од деветто одделение, но, ќе продолжи да се спроведува и во пониските класови.
За оваа цел, денеска, прес конференција во Владата одржаа градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев и министерот за образование и наука Арбер Адеми.
- По осум предмети наставниците прикачуваат содржини кои би се изучувале по наставните програми во овој период од годината. На платформата се поставуваат power point презентации, квизови за ученици и видео предавања од наставници. Апелирам на ангажман, посветеност и креативност како од наставниците, така и од учениците. Седете дома, учете по електронски пат, а надвор излегувајте само ако навистина имате итна потреба. Ова не е распуст, ова е ситуација која бара будност, подготвеност и дисциплина од сите нас, рече Богоев.
Тој истакна дека за овој тип на настава е добиена согласност од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование, како надлежни институции за планирање на наставниот дел. Е – наставата може да се спроведува и преку платформите Classroom, Microsoft 365 и др.
Министерот Адеми го посочи Карпош како позитивен пример и ги повика и другите општини да делуваат во оваа насока. Тој истакна дека се подготвува и телевизиско прикажување на настава, со цел, колку што е можно, да се надомести изгубениот материјал.