ЕТНО ВЕЧЕР ВО КАРПОШ
- август 25, 2017
- 0
Десеттата вечер од „Културното лето Карпош-2017“ ќе остане запаметена
по одличниот настап на групата „Монистра“. Со мистичните звуци на кавалот,
тамбурата, гајдата и тапанот, младиот скопски етно состав создаде прекрасна
атмосфера, при што можеше да се почувствува пријатниот ориентален звук од
Балканот. Разиграната мелодика во целост ја надополни беспрекорниот вокал на
талентираната пејачка Габриела Јанушевска. Оваа вечер, љубителите на стариот
македонски етно звук уживаа во спонтаните преработки на изворните народни
песни и ора кои имаат карактеристичен музички израз, преку кој се
препознава македонскиот мелос и специфичната традиција, која вековно се негува
во Македонија. Во рамките на оваа културна вечер на барање на публиката, повторно
настапи „кралот на сатирата“ – Војче Китановски, кој со своите оригинални шеги и
досетки до солзи ги насмеа карпошани.