ЕНЕРГЕТСКИ ПИОНЕРИ
- октомври 13, 2016
- 0
По повод почетокот на грејната сезона, денеска ООУ „Димо Хаџи Димов“го презентираше специфичниот модус на загревање на своите простории. Се работи за користење на отпадна био-маса како енергенс, со кој ќе се загреваат околу 3.600 до 4.000 м², со вкупна топлинска енергија од 267 kw.
Отпадната дрвена маса се прибира во текот на целата година, која потоа специјалната машина сместена во рамките на ова училиште ја преработува во таканаречен „дрвен чипс“.
Заедничката акција помеѓу Општина Карпош, УНДП и Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), овозможија успешна реализација на оваа енергетско-ефикасна инвестиција која е дел од проектите „Cool Heating“ и „Bio-village“. Применувајќи ја оваа практика, ООУ „Димо Хаџи Димов“ стана првиот објект во Македонија кој користи ваков тип на обновливи извори на енергија.
Во оваа пригода, градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски изрази задоволство од реализираниот проект, запознавајќи ги присутните со финансиската конструкција на оваа заедничка инвестиција.
– Локалната самоуправа обезбеди 40.000 евра од својот буџет, ГИЗ финансираше околу 15.000 евра, додека УНДП помогна со 20.000 евра. Севкупно инвестицијата не чинеше 75.000 евра, парични средства кои веќе на половина од втората грејна сезона планираме да се покажат како исплатливи. Веројатно, следното училиште кое ќе го направиме да се затоплува на истиот начин е ООУ „Аврам Писевски“ во населбата Бардовци – најави Јакимовски.
Анализирано од економски аспект, досега, за загревање на ова училиште беа потребни околу 2.600.000 денари, а со примена на новиот метод се планира, трошоците да се редуцираат дури за 60.000 денари во грејна сезона. Еколошки гледано, дрвениот енергенс помалку ја загадува животната околина бидејќи се добива преку процес на преработка на листопадни и зимзелени дрва кои не содржат смола. Со искористување на топлотната енергија, овој енергенс не ослободува штетни материи во воздухот кои ги содржат компонентите SO2 и NOX , туку како нуспојава во атмосферата излегува само водена пареа. Покрај економскиот бенефит, примарна цел на овој проект е да се супституира употребата на минералните горива какви што се гасот и нафтата, со обновливи извори на енергија. На територија на Општина Карпош, веќе три основни училишта користат обновливи извори на енергија, како специфичен начин на затоплување на своите простории.
Бидејќи, локалната самоуправа е учесник во двата меѓународни проекти, „Cool Heating“ и „Bio-village“, има обврска да ги спроведува своите позитивни практики во велешката општина Чашка, како и градовите Кичево, Делчево и Крива Паланка, преку размена на искуства и одржување на стручни обуки.