ЕКО – ИГРАЧКИ И ДИДАКТИЧКИ МАТЕРИЈАЛИ ЗА ГРАДИНКИТЕ ВО КАРПОШ
- декември 30, 2020
- 0
Играчки изработени од еко – материјали и нови дидактички материјали добија сите градинки на територија на Карпош. Станува збор за опрема која допoлнително придонесува за развој на когнитивните вештини кај најмладите, полесно да спознаваат појави и процеси.
Исто така, новите играчки ја подобруваат моториката кај нив и ги поттикнуваат младите на двонасочна комуникација.
Играчките се прилагодени и на „новото“ време во кое живееме и овозможуваат детска игра преку држење на дистанца.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев денеска беше во посета на објектот „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2, каде што им беше доделена новата опрема на сите градинки. Тој се сретна и со директорките на градинките, при што разговараа за активностите од изминатава година и планираното за 2021 година:
- Направивме сѐ што можеме за да обезбедиме услови за почеток со работа на градинките. За прв пат, целосно се дезинфицираа душеци, меки играчки и теписи.
Среќен сум што го реализиравме ветувањето и се реконструираше градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1, којшто беше еден од постарите објекти.
Во 2021 година продолжуваме да бидеме поддршка на градинките и да работиме на создавање на уште подобри услови во овие установи, рече Богоев.
Локалната самоуправа и во претстојната година продолжува со тековни санации и реконструкции во предучилишните установи.
Исто така, ја користиме оваа прилика да им се заблагодариме на сите родители, воспитен и административно – технички кадар по градинките, за вложениот труд и разбирањето во изминатава година. Поминуваме низ светска пандемија, а заштитата на детските права и интереси останува еден од главните приоритети.