ЕКИПАТА НА ОПШТИНА КАРПОШ ГО ОСВОИ ПЕХАРОТ НА НОВОГОДИШНИОТ ТУРНИР ВО ШАХ „ЃОРЧЕ ПЕТРОВ 2024“
- декември 19, 2024
- 0
Екипата на Општина Карпош го освои пехарот на новогодишниот турнир во шах „Ѓорче Петров 2024“ во организација на општина Ѓорче Петров со убедливи пет победи од пет одиграни кола.
Тимот на Карпош играше сигурно од почеток до крај, особено на првите две табли, каде што Орце Дамчевски на првата табла и Ивана Манова на втората табла, која воедно беше и единствена дама меѓу учесниците, имаа учинок од максимални пет победи. На третата табла играше Ненад Мирчевски кој освои три поени, доволни да се осигура победата. И покрај одличниот настап на екипата, турнирот беше крајно неизвесен, а победникот се решаваше буквално во последното коло, за што „највиновни“ беа шахистите од тимот Пензионери (1).
По четири одиграни кола лидери на табелата беа карпошани со исто толку победи и освоени 10 поени. Пензионерите пак, имаа само еден пораз и тоа од екипата на Карпош, а на табелата заостануваа со само еден поен.
Во последното и највозбудливо коло, тимот на Карпош одигра стабилно и без грешка, совладувајќи ја Општина Гази Баба со максимални 3:0 и со вкупно 13 поени само го потврди првото место. Кај пензионерите за момент попушти концентрацијата и дозволија да загубат половина поен од домаќините па така турнирот го завршија со 11,5 поени, доволни само за сребрен медал.
Бронзениот медал пак, заврши на градите на шахистите од тимот на Ѓорче Петров Пензионери (2) кои исто така одиграа доста квалитетно и освоија шест поени.
Блиску до бронзата беа и екипите на Гази Баба и на Бутел кои на крајот завршија со по пет поени, но Гази Баба беше четврта поради победата од 2:1 во меѓусебниот дуел. На последно шесто место завршија домаќините од Ѓорче Петров со освоени 4,5 поени.
1. Општина Карпош – 13 поени
2. Пензионери (1) – 11,5 поени
3. Ѓорче Петров Пензионери – 6 поени
4. Општина Гази Баба – 5 поени
5. Општина Бутел – 5 поени
6. Општина Ѓорче Петров – 4,5 поени