ЕКИПАТА НА „КОМЕНСКИ“ ГО ОСВОИ КОШАРКАРСКИОТ ТРОН
- април 11, 2025
- 0
Основците од „Јан Амос Коменски“ во драматичен финиш ги совладаа своите соперници од ООУ „Петар Поп Арсов“ со резултат 42:39, во возбудливиот финален меч во рамки на училишната кошаркарска лига на Карпош 2024/2025 година, кој се одигра денеска во спортската сала „Партизан“. Тимот од Тафталиџе 1 дојде до победничкиот пехар преку организирана игра во одбраната и силниот пресинг кој го наметна на целиот терен.
Инаку, кошаркарите од „Петар Поп Арсов“ одлично го започнаа финалето, добивајќи ја првата четвртина со резултат 11:4. Втората четвртина помина во знак на добрата одбрана на обете страни, така што пред полувремето двете екипи отидоа речиси со идентичен број на поени како од првата четвртина, односно со резултат 11:5. Веќе во третата четвртина, тимот на Коменски покажа цврст карактер во одбраната но и во нападот, со што успеа да направи целосен пресврт и да ја насочи психолошката предност во своја корист, поведувајќи со 16:15. Последната четвртина од финалето беше навистина изедначена, но сепак на крајот младите кошаркари од „Коменски“ покажаа поголема волја и концентрација која им го обезбеди првото место.
Пред финалето, се одигра кошаркарскиот меч за третото место помеѓу основните училишта IPS и „Владо Тасевски“, во кој тимот на IPS беше поуспешен од своите ривали од населбата Козле, совладувајќи ги со резултат 38:30.
Општина Карпош обезбеди еднократна парична награда во висина од 6.000 денари за најуспешните млади кошаркари, кои остварија најдобри резултати во рамки на училишната кошаркарска лига на Карпош. Имено, Максим Димовски од ООУ „Петар Поп Арсов“ беше прогласен за најдобар играч, позицијата најталентиран играч на овогодинешната лига ја зазема Марко Тримчевски од ООУ „Јан Амос Коменски“, додека пак Љубомир Миленковиќ од ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“ со преку 200 постигнати поени се стекна со титулата најдобар стрелец.
Во оваа пригода, градоначалникот Стевчо Јакимовски им ги додели медалите, победничките пехари и дипломите на тројцата најдобри кошаркари, а на сите основци им посака многу среќа и успех.
- Би сакал да ви честитам на сите учесници како и на вашите наставници, кои одлично ве подготвија и ве водеа низ сиве овие натпревари. Исто така, сакам да ве поттикнам што е можно повеќе да спортувате и да се дружите. Затоа ние во интерес на спортувањето ги опремуваме фудбалските терени во основните училишта со вештачка трева, а ќе продолжиме во таа насока бидејќи и спортската сала во „Партизан“ ви стои на располагање. Впрочем, овој спортски објект нуди услови за тренирање на боречки вештини, гимнастика, фитнес итн. На крајот сакам да ве информирам дека за овогодинешните победници, како и за тројцата најдобри кошаркари, Општина Карпош од 15-ти јуни обезбеди седумдневна наградна екскурзија во детскиот камп „Каливас“ во соседна Грција – додаде Јакимовски.