Со поддршка на Одделението за детска, здравствена и социјална заштита при Општина Карпош, вчера во просториите на урбаната заедница ,, Владо Тасевски’’, се одржа тркалезна маса, со цел подобрување на инклузивноста на самохраните родители.

Во рамки на  проектот  ,, Локално, но гласно’’, учествуваа претставници од Општина Карпош, Здружението на социјални работници и  претставници од Ресурсниот центар за самохрани родители МИНУС-ПЛУС. Во  стручната расправа се вклучија и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје, како и  стручните служби на Општинските основни училишта, градинките од општината и родители од еднородителски семејства.

 

Целта на овој проект е самохраните родители директно да се вклучат во креирањето и  реализацијата на политиките и мерките од областа на социјалната заштита на локално ниво. Оваа средба беше продуктивна, бидејќи од неа произлегоа многу предлози и заклучоци на присутните родители и стручните служби,  од промена на постоечките законски регулативи и можни насоки и начини за полесно остварување на правата од областа на  социјалната заштита на еднородителските семејства.

 

Општината Карпош преку програмските активности кои ги презема Одделението за детска, социјална и здравствена заштита поддржува проекти, и финансики им помага на лица и семејства кои се од категоријата на социјален ризик, се со цел на истите да им се помогне во подобрување на нивниот живот, и  да се обезбеди нивна подобра социјална инклузија во општеството.