ДРУЖБА СО ОСАМЕНИТЕ КАРПОШАНИ
- февруари 14, 2017
- 0
По повод Денот на љубовта и виното „Св. Валентин и Св. Tрифун“ во ресторанот „14- ка“, Општина Карпош по седми пат ја организираше традиционалната манифестација „дружење со осамените“.
На денешната пријателска средба, градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, се сретна со осамените лица и дел од социјално загрозените граѓани.
Како што напомена првиот човек на Општината, целта на оваа активност е локалната самоуправа да им посвети внимание на осамените карпошани и да ги потсети дека и тие припаѓаат на големото семејство – Општина Карпош. Освен пригодниот ручек, во знак на почит, општинскиот татко им подари по една роза на припадничките на понежниот пол.
– Денеска се дружиме со граѓаните кои се наоѓаат во деликатна социјална состојба, без брачен другар, или без дел од своето семејство. Ова е одамна востановена практика на нашата општина, која се повторува секоја година по повод денешниот празник – нагласи првиот човек на Општината, Стевчо Јакимовски.
Тој потсети дека локалната самоуправа преку своето одделение за детска, здравствена и социјална заштита, соработува со сите невладини организации кои ги таргетираат овие групи на граѓани. За таа цел, Општината, им помога на своите сограѓани на најразлични начини, било да станува збор за материјална поддршка или со емпатија, разбирање и другарување.