Со  хорска изведба на националната химна  „Денес над Македонија  се раѓа“,  од хорот „Серенада“, денеска, Сојузот на борците од НОАВМ (1941-1945) и граѓаните кои го почитуваат   ликот и делото на Кузман Јосифивски-Питу, ја  одбележаа  82-годишнината од  загинувањето  на еден од најголемите партизански и народни херои  во Народноослободителната  борба (НОБ) во Македонија. Пред спомен-обележјето на народниот херој во населбата Козле,  со пригоден говор, градоначалникот на Општина Карпош Сотир Лукровски  ги поздрави присутните граѓани и членовите на Сојузот на борците, истакнувајќи дека овој датум е за сеќавање, за достоинство, но и за историска одговорност, кон херојот кој го вградил својот живот во темелите на македонската државност.

 

 

  • „Почитувани претставници на Сојузот на борците, ценети  членови на здруженијата  на   пензионери, драги сограѓани почитувачи на ликот и делото на нашиот народен херој. Кузман Јосифовски-Питу, беше симбол на непоколебливата верба во слободата и во правото на македонскиот народ за сопствена држава. Неговата лична жртва, беше израз на длабоко вкоренета љубов  кон татковината и кон  идните генерации. Благодарение на ваквите историски личности, ние денес живееме во сопствена и меѓународно признаена држава. Меѓутоа нашата задача не е само да ги споменуваме, туку да ги разбираме и одржуваме во пракса нивните идеали. Државноста не се гради  само со историски и политички декларации . Таа се гради секој ден со одговорност , со почитување на различностите, со солидарност и со заедништво. Се гради со дијалог, наместо со поделби, со почит, наместо со навреди, со работа, наместо со празни зборови“ –  нагласи првиот човек на Општина Карпош Сотир Лукровски.

 

Претседателот на  СБМ –Карпош Владо Трајаноски истакна дека ликот, делото и саможртвата на народниот херој К.Ј-Питу, ќе биде вечно вградена во македонската држава, бидејќи преку партизанската борба и положувањето на животите на младите македонски партизани во текот на Втората светска војна, се создала и утврдила македонската современа држава. Од друга страна историчарот Здравко Стојкоски, во својот говор потсети за историската улога  на Кузман Јосифовски-Питу и неговите соборци, и колку нивната борба била клучна за формирање на Македонија како суверена држава и конститутивна единица во рамките на идната заедничка држава СФР Југославија.

 

 

Кузман  Јосифовски –Питу е македонски народен херој кој  заедно со Орце Николов, Мирче Ацев, Стеван Наумов-Стив, Христијан Тодоровски- Карпош се главните организатори  на антифашистичкото движење и народноослободителната борба во Македонија, и токму поради неговата неуморната народно-ослободителна дејност е наречен „Гоце Делчев  на НОБ“. Пригодниот настан беше  збогатен  со драмски  изведби и  рецитали  на  ученици  како од основните училишта во Карпош, така и од основни училишта од општините Кисела Вода и Ѓорче Петров.  Наместо икебани, оваа година присутните положија свежо саксиско цвеќе, кое по одбележувањето ќе биде засадено во „Паркот на револуцијата“, кај спомениците на Првиот скопски Партизански одред.