ДОНАЦИЈА НА ДУШЕЦИ ЗА СОЦИЈАЛНО ЗАГРОЗЕНИТЕ ГРАЃАНИ ВО КАРПОШ
- март 15, 2021
- 0
Започна акцијата за донирање на повеќе од 100 душеци на социјално – загрозени семејства и граѓани од општина Карпош. Станува збор за душеци – експонати, кои воопшто не биле користени туку единствено изложени во салоните на компанијата „Comodita home“.
Со цел истите да добијат вредност и употребливост, локалната самоуправа воспостави соработка со оваа општествено одговорна компанија, која ги донира душеците за потребите на најпогодените.
Акцијата започна од населбата Карпош 4, каде што изјави за медиумите дадоа градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев и директорот на „Comodita home“, Харитон Гаџоски.
– Општина Карпош ги контактираше социјално загрозените семејства и поединици и го утврдивме интересот за акцијата. Нашите служби ги земаат старите душеци од домаќинствата, кои ќе бидат одложени на соодветен начин (како кабаст отпад), а паралелно ќе се доделуваат новите.
Живееме во период на светска пандемија, на тешка економско – социјална состојба и како локална самоуправа сакаме да помогнеме на граѓаните во ризик. Мило ми е што нашата заложба за хуман и солидарен Карпош е препознаена од приватниот сектор и повторно ја користам приликата да се заблагодарам за покажаната општествена одговорност на „Comodita home“, рече Богоев.
Директорот на компанијата Гаџоски го поздрави интересот на општина Карпош за соработка и проактивниот пристап на службите. Претставници и од компанијата и од локалната самоуправа ќе ги доделуваат душеците, етапно, а ќе бидат доделени повеќе од 100 душеци.