ДОМАЌИНСТВАТА ВО КАРПОШ ПАМЕТНО ЌЕ ГО СЕЛЕКТИРААТ ОТПАДОТ
- декември 16, 2019
- 0
Во населбата Влае 1 започна пилот проектот на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје за примарна селекција на комуналниот отпад од домаќинствата, која подразбира поделба на отпадот на сува и влажна фракција. За таа намена, минатиот период беа поделени околу 500 корпи во овој дел на Карпош.
По повод почетокот на овој пилот проект, денеска градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, во придружба со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје, Абдусамед Шабани даде изјава за медиумите.
- Во старите корпи кои веќе ги користат домаќинствата од претходно, ќе се одлага влажната фракција од отпадот: остатоци од храна, овошје, зеленчук, месо, лисја, месо и сл. Во новите корпи за отпад, влаевчани ќе можат селектирано да одлагаат пластика, хартија, стакло и метал – објасни Богоев.
Во оваа пригода тој ги повика карпошани правилно да ги користат корпите и паметно да го селектираат отпадот.
- На овој начин, одиме чекор напред во селекцијата на отпадот. Овозможуваме негова повторна употреба и влијаеме во намалувањето на создавање на нови диви депонии. Периодов ја спроведуваме и информативната кампања за правилно одлагање на комуналниот, џебниот, кабастиот, електронскиот и електричниот отпад. За таа цел, на општинската веб страница ги истакнавме сите корисни информации, како граѓаните да се „ослободат“ од отпадот, а поделивме и повеќе информативни флаери и постери – посочи првиот човек на општина Карпош.
Во таа насока, локалната самоуправа во 2019 година презема голем број на активности за заштита на животната средина.
- Интензивно, продолжуваме и во наредната година Но, помошта и поддршка ни е потребна од сите: граѓани, фирми, невладини организации, млади, возрасни. Затоа што буквално сите носиме одговорност за здрава и чиста животна средина – додаде Богоев.