ДОДЕЛЕНИ 120 ХУМАНИТАРНИ ПАКЕТИ ЗА СОЦИЈАЛНО ЗАГРОЗЕНИ СЕМЕЈСТВА ОД КАРПОШ
- ноември 8, 2018
- 0
Со врачување на 120 пакети со прехранбени продукти, облека и средства за хигиена, денеска се заокружи големата хуманитарна акција која Општина Карпош заедно со граѓаните и локалната администрација ја спроведе по повод роденденот на Општината 3 Ноември мод мотото „Подај рака, донирај за твојот сосед“.
Пакетите на социјално загрозените граѓани во три урбани заедници „Карпош 2“, „Владо Тасевски“ и „Влае 1“ им ги врачи градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој им посака во иднина да има што помалку лица кои ќе имаат потреба за ваква помош:
-Имавме навистина успешна донаторска акција, и мислам дека, од акција на акција, граѓаните на Карпош се сé похумани и искрено сакаат да помагаат. За жал, законските можности на Општината за ваква поддршка се прилично лимитирани, но се трудиме сé што можеме ние, како локална власт, да го направиме за нашите сограѓани-максимално го правиме, трудејќи се да се најдеме и колку може да помогнеме, рече Богоев.
-Ова е еднократна поддршка, но, наскоро влегуваме во нова календарска година и тогаш ќе можете да аплицирате и за еднократна парична помош. Интенцијата е на секој од вас, онаму каде што можеме да му помогнеме трајно да си го реши животното прашање со вработување на некој од вас, или на член од вашите семејства со што ќе обезбедите дополнителен приход кој ќе ви овозможи нормално живеење, порача Богоев.
Помошник-раководителката на Секторот за дејности од јавен интерес, Гордана Зафировска, ја спомна и можноста за поддршката од Општината за проекти на децата кои потекнуваат од семејства со материјални потешкотии. Освен тоа, на иницијатива на градоначалникот, на почетокот на учебната година преку општинската сметка обезбедивме 13 лични и образовни асистенти на семејствата чии деца имаат потреба од ваква помош во текот на школувањето, со што, сите семејства со вакви потреби во Карпош се целосно „покриени“ со ангажирање на локалната власт.