Во организација на Одделението за детска, социјална и здравствена заштита при Општина Карпош, денеска во просториите на урбаната заедница „Влае 1“ беа доделени 110 хуманитарни пакети, наменети за жителите на локалната самоуправа кои се наоѓаат во потешка материјална состојба. Станува збор за традиционална хуманитарна акција која се реализира по 29 пат, по повод Новогодишните и Божиќните празници. Во таа насока, оваа ранливата категорија на граѓани  го почувствуваа солидарниот дух на своите сожители, кои за нив донираа прехранбени и кондиторски производи, како и хигиенски средства.

 

Имено, кон оваа хуманитарна акција се придружија вработените од општинската администрација во Карпош, дел од членовите на Советот од Општина Карпош, како и дечињата од сите детски градинки и основни училишта кои се наоѓаат на територија на локалната самоуправа.

 

Социјалните пакети ги врачи градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода на присутните им посака многу здравје и среќни Новогодишни и Божиќни празници.

 

  • Се надевам дека тешките моменти ќе останат зад вас и од сесрце ви посакувам набргу да искочите од оваа зона на социјален ризик. Би сакал да ве уверам дека сите вие сте дел од нашето големо семејство кое се нарекува општина Карпош и оттука, локалната самоуправа секогаш ќе се грижи за своите сограѓани на кои им е неопходна нашата поддршка и помош. – истакна Јакимовски.

 

Локалната самоуправа ја спроведува оваа традиционална хуманитарна акција исто така и во пресрет на Велигденските празници.